СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Култура

Како издлабената тиква станала симбол за Ноќта на вештерките?

Овој празник со пагански корени, кој се празнува на 31 октомври, има сѐ побројни приврзаници низ целиот свет. Еден од симболите е секако издлабената тиква со свеќа во внатрешноста. Но, знаете ли како таа станала симбол на овој празник?

Многумина тврдат дека празникот Ноќта на вештерките не би бил тоа што е без тиквите. Шупливиот зеленчук со застрашувачки лик е најпрепознатливиот симбол на овој празник, па дури има и свое име: Jack-o’-lantern (Фенерот на Џек). Но, за разлика од другите елементи на фестивалот, овој е релативно нов: потекнува од XIX век.

Приказна за Скржавиот Џек

За да ја разбереме оваа традиција, мора да се вратиме во 1836 година, кога приказната наречена „Stingy Jack“ (Скржавиот Џек) била објавена во ирскиот весник Dublin Penny Journal.

Според приказната, пред многу векови во Ирска живеел лукав пијаница по име Џек. Неговата лоша репутација била толку голема што ја разбудила љубопитноста на самиот Ѓавол, кој решил да го посети и лично да провери дали оваа репутација е оправдана. Една вечер се појавил пред Џек, велејќи му дека дошол да му ја земе душата. Тој, и покрај тоа што бил пијан како и секогаш, смислил план и го убедил да му дозволи да испие уште едно пиво.

Ѓаволот не му поверувал, па земал форма на човек и го придружувал до барот. Кога дошло време да плати, Џек рекол дека нема пари и го замолил својот придружник да се претвори во паричка, а додека сопственикот не гледал да се врати во вистинската форма и да дојде по него. Ѓаволот го направил тоа, но Џек веднаш ја ставил паричката во џебот каде што го носел распетието, спречувајќи го Ѓаволот да се врати во својата поранешна форма. Во замена за да го ослободи, Џек побарал од ѓаволот да му го поштеди животот уште 10 години.

Понижен и желен за одмазда, Ѓаволот по една деценија повторно се појавил пред Џек. Но, повторно ја потценил пијаницата и се согласи на неговата последна желба: да му дозволи да јаде јаболко од блиското дрво. И овој пат некако се снашол и откако се качил на гранките, го фрлил распетието пред нозете на Ѓаволот, правејќи го неспособен да му наштети. Повторно овој немал друг избор освен да ги прифати барањата на Џек, кој овој пат го натерал да вети дека никогаш нема да му ја однесе душата во пеколот.

Меѓутоа, она што ѓаволот не го постигнал, го постигнал алкохолот. По неговата смрт, Бог му го ускратил влезот во рајот: потоа тој самиот отишол пред портите на пеколот за да го замоли својот стар непријател да му дозволи да влезе… но, Ѓаволот го потсетил на неговото ветување дека никогаш нема да му ја земе душата или да го прими во пеколот: цената на измамата била вечна проклетство да талка.

Ѓаволот му дал фенер од репка, во кој горел вечен жар, за да му го осветлува патот.

На овој линк можете да ја прочитате поемата „The Romance of Jack O’Lantern“ на Херкулес Елис од 1851 година.

Како репката станала тиква?

Вака легендата за фенери направени од репка станала популарна декорација за украсување домови во пресрет на празникот Сите светци во Ирска и Велика Британија. Зеленчукот со врежано лице го симболизирал главниот лик на приказната кој со својата итрина го држел самиот Ѓавол подалеку од себе.

Според древните келтски верувања, во текот на ноќта на 31 октомври, натприродни суштества талкаат низ светот на живите, а ова верување се одржало и по векови владеење на христијанството. Затоа луѓето верувале дека овие гротескни амајлии ќе ги оддалечат злите духови од нивните домови.

Традицијата во САД ја донеле ирските емигранти кои во голем број се населиле таму почнувајќи од XIX век. Но, бидејќи репката не била достапна за секого, почнале да користат тиква.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content