СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Политика

Со 101 глас „за“, минималната плата го помина првиот собраниски филтер

Со 101 глас „за“ од пратениците, предлог-измените за покачување на минималната плата го помина првото гласање на пленарна седница во Собранието.

Ниту еден пратеник не гласаше „против“, а немаше ниту воздржани. Сега за предлог-законот треба да расправа собраниската Комисија за труд и социјална политика.

Зголемувањето на минималната плата на собраниската седница го образложи министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, која рече дека тој е поднесен по конструктивна дискусија на Социоекономскиот совет со синдикатите и работодавците.

„По одржани три седници на Социоекономскиот совет и конструктивната дискусија заедно го донесовме најконструктивното решение за зголемување на минималната плата. Тоа е потврда дека заедно со социјалните партнери ги носиме одлуките во интерес на работниците“, рече Тренчевска.

 

Таа посочи дека измените предвидуваат зголемување на минималната плата од 15 200 на 18 000 денари, како и нова методологија за пресметување на минималецот.

„Со предлог-измените се менуваат критериумите за годишно усогласување на минималната плата со 50 проценти од годишниот раст на просечната плата и 50 проценти од растот на трошоците за живот согласно податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС). Со предлог-измените се предвидува висината на минималната плата да не може да биде пониска од 57 проценти од просечната плата објавена од ДЗС за претходната година. Овие измени ќе опфатат околу 80 000 наши сограѓани кои со исплатата на мартовската плата ќе добијат покажување од 15 200 на 18 000 денари“, рече министерката.

 

Тренчевска пред пратениците потенцира и дека со дефинирањето на минималната плата од 18 000 денари стануваме лидери во Европа со висината на уделот на минималната во просечната плата, која со овој предлог ќе изнесува 62 отсто.

Договорот за покачување на минималецот беше постигнат во понеделникот вечерта (7 февруари), по неколку дена разговори меѓу Сојузот на синдикати на Македонија, Владата и Организацијата на работодавци.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content