Печуркарите советуваат граѓаните да не експериментираат

33

Лаици да не се впуштаат во авантура да собираат печурки и истите да ги консумираат, затоа што тоа може да биде фатално. Искусните печуркари и откупувачи на печурки велат дека дури и ако граѓаните читале литература или се информирале на интернет за печурките, тоа не е доволно за да можат да препознаат која печурка е отровна, а која не.

На интернет може да се најдат многу трикови, според кои може во домашни услови да се провери дали печурката е отровна или не, но сепак познавачите велат дека тоа не е стопроцентно веродостојно и граѓаните да не се потпираат на тие совети.  Додаваат дека во годините кога имало многу печурки во природа, собираат различни катергории на граѓани, со или без искуство, и се случувало на дневна основа во количините од неколку тони да има по 2-3 килограми отровни печурки кои собирачите ќе ги донесат на пункт за да ги продадат, но сето тоа откупувачите го прегледуваат, и фрлаат доколку се работи за отровни печурки или несоодветни, некомерцијални видови.

„Јас се занимавам со печурки 35 години, и граѓаните треба да знаат дека секоја печурка има двојник кој е отровен. Да не се опуштаат, да не експериментираат, и да мислат дека ако виделе печурки кај роднини, пријатели дека ќе ги препознаат во природа истите“, вели Миле Сумрачки, откупувач на печурки.

Љупчо Најдовски, откупувач од Демир Хисар советува дека граѓаните е најдобро да консумираат печурки, купени во маркети, од соодветни компании кои се занимаваат со оваа дејност, отколку самите да ги берат и да ги готват, без да бидат сигурни.

„Највеќе грешат со ливадските печуки, ливадскиот шампињон, а  поретко со оние комерцијални видови на печурки. Секоја јадлива печурка има слична на неа, некогаш разликата е дали печурката има или нема прстен. Оние печурки што се откупуваат и се за продажба, поминуваат низ 100 раце што би се рекло, низ многу прегледи, има луѓе кои си ја знаат работата“, додава Најдовски.

Неодамна брачна двојка од Кочани заврши во болница по консумирање на ручек со печурки, кои сопругот сам ги собирал. Претходно, во соседна Србија, во Шабац, повеќе жители беа хоспитализирани откако од 72 годишна баба на пазар купиле и консумирале печурки. Српската полиција ја уапси бабата.

За 10 години во земјава имало стотина труења со печурки. Во 2002 година, 2005, 2008 имало и смртни случаи како резултат на јадење на отровни печурки.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content