Општинските инспектори се жалат на недостиг на опрема и кадар за определени области

24

НВО Инфоцентарот заедно со партнерските организации Спектар од Крива Паланка и Центарот на заедницата на општина Струга, во јуни годинава, спроведе анонимна онлајн анкета, преку која ги собра и ги синтетизираше искуствата на локалните инспектори од спроведувањето на Законот за инспекциски надзор (ЗИН) и другите закони поврзани со нивната работа, како и нивните предлози за подобрување на законската рамка, моделот на функционирање, самостојноста, ефикасноста и компетентноста на локалните инспекциски служби.

Во анкетата учествуваа вкупно 96 општински инспектори, од кои 8 се раководители на сектор за инспекциски надзор, 10 се раководители на инспекциски служби, 61 се лиценцирани инспектори, а 17 се кандидати за инспектори. Прашалникот содржеше 18 прашања од отворен и затворен тип, со можност за внесување дополнителни коментари и предлози.

Клучни наоди:

– Над 76% од општинските инспектори, Законот за инспекциски надзор од 2019 година го оценуваат како добар или многу добар.
– Според локалните инспектори, добрите страни на законот се: општинските инспектори влегоа во системот за инспекциски надзор; воведувањето лиценци за локалните инспектори; поголемата финансиска мотивација – зголемување на платите до 30%.
– Слаби страни на законот се: неговата неусогласеност со другата законска регулатива; долгиот периодот на лиценцирање на инспекторите (вкупно 12 месеци); даночните инспектори не се опфатени.
– Дури 83% од општинските инспектори навеле дека нивната инспекциска служба не е или не е доволно екипирана, односно дека во речиси секоја општина недостигаат инспектори за определени области на инспекциски надзор. Според инспекторите, општинските инспекциски служби немаат ниту соодветна опрема за инспекциски надзор, возила, компјутери и др.
– Високи 71.9% од локалните инспектори вклучени во анкетата сметаат дека постојниот модел на општински инспекциски надзор треба да претрпи измени. Речиси половина (47.9%) од испитаниците сметаат дека за локалниот инспекциски надзор да биде поефикасен треба да биде заменет со инспекциски служби на регионално ниво. Речиси една четвртина од испитаниците (24%) се залагаат за централизиран систем на инспекциски служби, а исто толку сметаат дека постојниот модел е добар.
– Над 70% од локалните инспектори вклучени во анкетата дале високи оценки (одличен и многу добар) за процесот на добивање лиценца за инспектор. Сепак, дел од испитаниците сметаат дека процесот на лиценцирање треба да се скрати (особено периодот на стажирање на кандидатите за инспектори), затоа што општинските инспекциски служби се соочуваат со недостиг од инспектори и не можат навремено и ефикасно да спроведуваат инспекциски надзор.
– Над 70% од општинските инспектори високо ја оценија соработката со Инспекцискиот совет на РСМ, но затоа над 40% дале само средна оценка за соработката со другите државни институции. Општинските инспектори навеле дека досегашната соработка со министерствата и другите државни органи не е на потребното ниво.
– Речиси 72% од општинските инспектори вклучени во анкетата ја оценуваат како одлична или многу добра соработката со градоначалниците.
– Во исто време, над 61% од инспекторите, целосно или делумно, се согласуваат со исказот дека „Локалните инспектори не се независни во својата работа, затоа што се назначени од градоначалниците и ним им одговараат за својата работа“.
– Над 40% од испитаниците сметаат дека досега не им се обезбедени доволен број обуки, како за Законот за инспекциски надзор, така и за другите аспекти на нивното работење. Што се однесува, пак, до обуките кои се веќе спроведени, речиси 70% ги оцениле како одлични или многу добри. Инспекторите сметаат дека треба да им бидат организирани многу повеќе обуки и тоа за спроведувањето на законите според коишто постапуваат.

Оваа анкета е спроведена во рамки на проектот „Локални инспекциски служби во интерес на граѓаните“, поддржан од програмата ЦИВИКА Мобилитас.
Инфографиците со клучните резултати на анкетата може да ги најдете на следниов линк: https://www.facebook.com/NVOInfocentar/posts/pfbid02aBrGeDackHvkb3xX6ZbEjAhDN7kxiuN4

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content