Операциските сали во болницата во Прилеп остануваат затворени – пријавена интрахоспитална инфекција

5

Од Министерството за здравство, кое ги добило информациите од Државниот здравствен и санитарен инспекторат, а и од Комисијата за интрахоспитални инфекции при болницата потврдија дека во примерок на хемокултура од починатата пациентка е пронајдена бактеријата стафилоколус епидермидис. Пријавена е интрахоспитална инфекција.

– Од земениот примерок за хемокултура во ЈЗУ Центар за јавно здравје-Прилеп е добиен позитивен изолат на Staphylococcus epidermidis. Пријавена е интрахоспитална инфекција. Во ЈЗУ ОБ со проширена дејност „Борка Талески“-Прилеп се затворени операциските сали од 16 февруари. Државниот санитарен и здравствен инспекторат изврши вонреден инспекциски надзор на ден 17.2.2023 по добиена информација од ЦЈЗ-Прилеп. Причините за смртта сè уште не се познати. Се чека извештај од патоанатомскиот наод. Телото е предадено за обдукција на Институт за патологија. Од одделението за епидемиологија на Центар за јавно здравје Прилеп извршен е епидемиолошки увид по појава на случај на пациентка кај која е извршена интервенција на одделот за гинекологија после кој се јавиле симптоми на сепса. Земени се примероци од нежива средина, испироци од раце на вработен здравствен персонал, извршени се вонредни здравствено-хигиенски прегледи, по што е препорачано затворање на операциските сали до добивање на резултатите од земените примероци. Итните хируршки интервенции се вршат во блиските регионални болници, стои во информацијата од Министерството за здравство, кое ги добило информациите од Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

Се огласи и Комисијата за интрахоспитални инфекции при прилепската болница.

– Кај пациентката по протокол се земени три последователни хемокултури од кои во првата хемокултура е најдено присуство на Staphylococcus epidermidis, а останатите две се негативни. По протокол уште пред добивањето на наодот од Микробиологија емпириски е отпочната комбинирана антимикробна терапија која беше соодветна на добиениот антибиограм од првата хемокултура. Наодот им беше соопштен на Клиниките на терцијарно ниво каде пациентката беше трансферирана и на кои беше ординирана и проширена соодветна антимикробна и останата терапија. Се чека обдукцискиот наод од Институтот за патологија, соопшти Комисијата.

Операциските сали во болницата во Прилеп остануваат затворени додека Комисијата за интрахоспитални инфекции не ги заврши сите испитувања. Од прилепскиот Центар за Јавно здравје очекуваат до петок да бидат готови резултатите од бројните примероци земени од салите и од персоналот. Засега само се знае дека бактеријата е пронајдена во примерокот за хемокултура од пациентката која почина на скопските клиники, а за причините за нејзината смрт ќе се чека обдукцискиот наод.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content