Одложени јавните настани на партиите за изборите

40

Сепак, партиите и независните кандидати кои сакаат да учествуваат на изборите мораат да ги запазат роковите предвидени од Државната изборна комисија (ДИК). Синоќа на полноќ заврши јавниот увид во Избирачкиот список, а утре на полноќ истекува рокот за поднесување кандидатури за изборите до Општинските изборни комисии.

До средата, 8 септември, како што соопшти ДИК, 13.916 лица се провериле во Избирачкиот список. Поднесени се вкупно 140 барања за запишување во Избирачкиот список, 31 барање за бришење на податоците од Избирачкиот список и 43 барања за измена на податоците во Избирачкиот список. Исто така, до ДИК, на е-маил адресата [email protected] се поднесени вкупно 88 барања.

На 14 септември истекува рокот до кога ДИК треба Избирачкиот список да го достави до политичките партии, кои пак до 19 септември треба да достават евентуални барања за негова корекција до Комисијата. До 24 септември, ДИК треба да го заклучи Избирачкиот список, а најдоцна до 1 октомври да го потпише.

Утре на полноќ завршува рокот за поднесување на кандидатури за локалните избори до Општинските изборни комисии. Најголем дел од партиите најавуваат дека кандидатурите до ОИК ќе ги поднесат денеска до крајот на денот или утре.

Во меѓувреме тече рокот за поднесување барања до ДИК за набљудување на локалните избори.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) го изготви Првиот извештај од мониторингот на медиумското известување за локалните избори закажани за 17 октомври за периодот од 7 до 31 август 2021 година. Резултатите од мониторингот на АВМУ покажале дека во овој период не се констатирани прекршувања на одредбите од Изборниот законик.

Во извештајот е анализирана 24-часовната програма на првиот телевизиски програмски канал на Јавниот сервис – МРТ1 и на шест комерцијални телевизии на државно ниво кои имаат просечен неделен досег над 10 отсто – ТВ 24 Вести, ТВ Алсат-М, ТВ Алфа, ТВ Канал 5, ТВ Сител и ТВ Телма.

Во дневноинформативните емисии, медиумите најчесто обработувале актуелни теми низ вести (во низа) и низ извештаи, јасно структурирани и со проверливи извори на информации, но во ТВ-дневникот на одредени телевизии понекогаш се појавувале и прилози реализирани низ нејасни, хибридни жанровски облици, спој од информирање и обиди за резиме, за антиципација и за анализа на посложени општествени појави, при што, во некои од таквите случаи немало ни јасно одвојување на партиските од професионалните редакциски гледишта.

За тековните активности околу изборниот процес, медиумите главно известуваа во професионално структурирани информативни жанрови, но сепак, не изостанаа и секојдневните прилози што го проследуваат ривалитетот меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Притоа, забележлива е и практиката да се „цитираат“ искази од социјалните мрежи, кои сами по себе често се или нерелевантни или непроверливи, ни во информативна, ни во фактографска смисла, посебно со оглед на тоа што се издвоени од нечија адреса со Интернет-прекар/псевдоним, наведуваат од Агенцијата.

Единствено МРТ 1 и ТВ 24 Вести обезбедиле известување на знаковен јазик за лицата со оштетен слух и на тој начин ја исполнија обврската од членот 75 став 1 од Изборниот законик.

ТВ Алфа, ТВ Сител и ТВ Канал 5, реализирале повеќе тематски интервјуа со лидери/претставници на политички партии, аналитичари на изборниот процес и некои од независните кандидати за градоначалници на Скопје, во однос на амбициите за кандидатурата и за можните партиски афилијации. Интервјуата главно биле реализираа во засебни актуелно-информативни целини, со исклучок на ТВ Сител која интервјуата ги смести во рамките на централниот ТВ-дневник, па споредбено, оттаму и значителната, дури повеќечасовна разлика во минутажата посветена на Локалните избори.

Официјално кампањата за локалните избори закажани за 17 октомври започнува на 27 септември и ќе заврши на 15 октомври.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content