„Образување и економско зајакнување на жените“ – нов проект на Амбасадата на Словенија

149

Занаетчиската комора на Северна Македонија заедно со Амбасадата на Република Словенија денеска во Скопје го промовираа проектот „Образување и економско зајакнување на жените“, кој има за цел обука на над 50 лица, доминантно од женската популација за занимања за кои постои дефицит на пазарот на труд во земјава.

Претседател на Занаетчиска комора на Северна Македонија Агрон Фазлији изјави започнувањето на овој нов проект со Словенечката амбасада е во насока на образување и дообразување, пред се, на жени кои се невработени, но може да се пријават и мажи, за занимањата пекар, слаткар со цел создавање поквалитетна работна сила која недостига на пазарот на трудот. По шест-месечната обука и доедукација учесниците на обуката ќе се стекнат со сертификати со кои ќе можат да основат и сопствена дејност.

Верувам дека со обуката ќе создадеме најмалку 50 професионалци жени кои ќе бидат економски независни во своите дејности и ќе просперираат во нашата држава, рече Фазлији.

Словенечкиот амбасадор Грегор Прескер изјави дека соработката следи на обострана иницијатива и од Амбасадата и од Занаетчиската комора.

За нас е многу важно што имаме многу развојни проекти во Северна Македонија со цел да помогнеме на најранливите групи во вашата земја. Со овој конкретен проект воведуваме своевидна иновација на вашиот пазар на трудот со обука на жени, но и мажи, за производство на храна без глутен, која ќе направи да биде полесно за оние кои учествуваат во проектот да почнат сопствен бизнис, да вработат и други луѓе и да се развива економијата на вашата земја, вели Прескер.

Тој нагласува дека денеска промовираниот проект е еден од вкупно три проекти кои што Амбасадата ги спроведува во соработка со институции во земјава. Прескер посочи дека втора година по ред продолжува да се реализира проектот со НВО „Добредојде – Велком центарот“, наменет исто така за обука на жени за шиење, везење и ткаење, со кој оваа година ќе бидат опфатени сто жени. Третиот проект се однесува на пчеларството, за промоција на жените во оваа дејност, за производство на биомед.

Прашан за состојбите со вработеноста на жените во неговата земја, Прескер вели дека во Словенија невработеноста изнесува четири проценти и проблемот е што недостига работна сила, па потребно е да се увезува. Така, вели, многу луѓе од регионот вклучувајќи и од Северна Македонија работат во Словенија.

Вредноста на проектот „Образување и економско зајакнување на жените“ е 26.000 евра, а со него треба да бидат опфатени над 50 лица во Скопје како и во руралните средини каде недостига ваков вид на работна сила, а каде Занаетчиската комора има свои регионални ограноци. Обуката ќе ја спроведат професори од средни стручни училишта од земјава.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content