СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Економија

Неделава можно финализирање на петтиот пакет мерки

Петтиот пакет антикризни мерки се очекува да биде финализиран неделава ако се постигне консензус со сите засегнати страни. Ќе тежи околу 150 милиони евра и никој нема да биде изоставен.

Средствата се предвидени и за граѓаните и за стопанството, посебно за најпогодените од пандемијата.

Како што рекоа вчера вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерот за економија, Крешник Бектеши, се очекува февруари да биде клучен за реализација на петтиот пакет. Поддршката за платите нема да изостане, но се разговара за две опции, дали да продолжи поддршката како досега или да се замени со бескаматни кредити. Но, и доколку евентуалното има супституирање на оваа мерка со новата – за поддршка на плати преку кредитната линија на Развојната банка, критериумите би требало да останат исти за помошта да ја добијат сите на кои им е потребна.

 

Битиќи и Бектеши очекуваат економските мерки да бидат поддржани од опозицијата која, според нив, јавно кажува дека е за поддршка на граѓаните и на стопанството во целина.

Петитот пакет економски мерки ќе тежи меѓу 50 и 60 милиони евра како директни буџетски импликации, но како фискални импликации ќе изнессува околу 150 милиони евра. Ќе има финансиска поддршка за платите исто како што беше и претходно затоа што и претходната помош не беше безусловна. И порано требаше да се исполнат одредени услови за помошта да стане неповратна истиот механизам го користиме и сега. Се разговара за двете опции со синдикатите, стопанските комори и сите други – да се продолжи со поддршката како и досега или таа да се замени со бескаматни кредити. Оваа недела ќе треба заеднички да решиме со сите засегнати страни која е најдобрата мерка имајќи предвид дека полека заздравуваме и влегуваме во рестарт на економијата, изјави Битиќи според кој, се уште се разгледуваат деталите за да биде точно утврдена вредноста на пакетот.

Во сетот мерки е предвиден и отпис на каматите за заостанатите долгови на граѓаните кон јавните претпријатија на локално или на национално ниво, а тоа, нагласи Битиќи, значи поголема директна помош.

Во целиот пакет има повеќе од 20 мерки од кои ќе дојдат доволно средства до тие кои се најзагрозени. Ако има потреба, во наредните месеци ќе има нови мерки за граѓаните. Никој не е изоставен од мерките, бидејќи сите граѓани нам ни се битни и ќе бидат опфатени со различните мерки во различните пакети што ги носиме. Како Влада знаеме дека се уште ќе се справуваме со КОВИД-19 и затоа креиравме програми во ресорните министерства, а некои ги дополнивме со финансиски средства за граѓаните, објасни вицепремиерот.

Во однос на поддршката за компаниите, Битиќи потенцира дека не се размислува за критериуми преку кои на некои бизниси ќе им се каже – сега нема пари.

Никој нема да биде изоставен. Следиме дека се намалува бројот на компании и работни места за кои е потребна поддршка и имаат пад поголем од 30 отсто. Ако во април имаше 128 илјади вработени на кои им требаше финансиска поддршка од 14.500 денари, во декември има околу 60 илјади вработени од околу 11 илјади фирми кои ја искористиле оваа поддршка и добиле просечно 15.800 денари, истакна Битиќи.

Министерот Бектеши им порача на пратениците да ја усвојат гарантната шема за да се овозможи спроведување на мерките.

Владата и сите кои учествуваат во економско социјалниот совет, дециден е Бектеши, сакаат да донесат што подобри мерки за да ми се излезе во пресрет на стопанството, посебно на угостителскиот и туристичкиот сектор.

Повеќето барања на угостителскиот и туристичкиот сектор ќе бидат прифатени. Одредени мерки се предвидени и во петтиот сет во делот на исплата на плати, но истовремено и со нудење бескаматни кредити. Како институција веќе сме направиле соодветни анализи и нема да останеме пасивни, но мерките ќе бидат во насока на проактивност и на институции, но и на угостителите. Сите тие кои кон крајот на 2021 година ќе покажат дополнителни резултати од претходните години вклучувајќи ги и 2019 и 2020 година ќе бидат повеќе помогнати. Тие кои ќе бидат пасивни ќе бидат помогнати како сите фирми кои ќе ги исполнат условите, рече Бектеши.

Тој најави и дека при крајот на првиот квартал од годинава ќе биде објавен јавниот повик за ваучерите за домашен туризам. Ќе има различни критериуми од претходно издадените ваучери во време на пандемија, а вредноста на секој ваучер ќе биде 250 евра за семејствата кои се најпогодени и имаат приходи помалку од 30.000 денари.

Туристичките агенции остро реагираа на изјавите на Битиќи и Бектеши дека е можно во петтиот пакет мерки финансиската поддршка за плата да биде заменета со бескаматни кредити. Тие се децидни – кредити не прифаќаат, туку бараат финансиска поддршка за плати, односно во новиот пакет да се врати финансиската исплата на плати.

Како е можно кога по една година тотален колапс на туризмот, во време кога не знаеме дали во наредните три месеци ќе имаме егзистенција, бидејќи нема подобрување на повидок, да добиваме кредити наместо помош? Повеќе од половина туристички агенции се одбиени во претходните објавени мерки за аплицирање за кредит поради неверојатните услови кои беа поставени за нивно добивање, а сигурно исти такви услови ќе се воведат сега. Кога треба кредитот да го добијат сите и тоа се гледа како мерка за помош, треба да се скратат условите или воопшто да ги нема освен, нормално, падот на прометот, кој во овој сектор е над 90 проценти. Помош со бескаматни кредити, не е помош кога има услови, и треба сите да имаат можност да го користат. Исто така, правното лице без разлика дали имало негативен исход на крајот на годината, треба да може да ја добие помошта, наведе туристичкиот сектор.

Агенциите сметаат дека туризмот е оставен на милост и немилост. Нема можност за работа, а границите се затворени и никој не го покренува прашањето за преговори за отворање на границите до летниот период за да може секторот сам да се опорави, без помош од државата.

За финансиската помош од претходните пакет мерки, вицепремиерот Битиќи информира дека до 31 декември 2020, според последните проценки, од Буџетот се исплатени 350,4 милиони евра во кои не влегуваат финансиските средства потрошени во јануари годинава. Според него, се уште не се донесени во Собранието трите законски решенија кои требаше да вбризгаат 250 милиони евра во стопанството, иако се доставени пред повеќе од 2,5 месеци.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека економските мерки не се доволни и дека поддршката од државата е минимална.

Вкупната големина на мерките изнесуваше околу 3,5 отсто од БДП што е трета најмала во Европа. Притоа, мерките со буџетски импликации изнесуваа мизерни два отсто од БДП, додека мерките без директни буџетски импликации уште пониски 1,5 проценти. Македонските претпријатија се на колена. Катастрофално лоша е состојбата во услужниот сектор, а најмногу страдаат хотелите и рестораните. Поддршката од државата е минимална, а замислете и таа поддршка што ја добиле треба да ја вратат, како да завршила пандемијата. Зарем со вратените средства од претходните четири минимални пакети Владата ќе го креира петтиот пакет, соопшти вчера опозициската партија.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content