СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Политика

Владата бара закон со кој таа ќе прогонува, блокира имот, забранува функци

Целиот свој мандат оваа влада на СДСМ и ДУИ во пракса ги наметнуваше политичките и партиски интереси на обвинителство и судството и, речиси, секогаш успеваше интересите на СДСМ и ДУИ да се преточат во обвинение и пресуда за вина пред судовите. Досега тоа се правеше “тајно“, со поместување и поставување свои кадри во Обвинителството и судовите и континуирани притисоци врз нив. Резултат, довербата во Обвинителството и Судството во јавноста падна на најниски можни 2-3%, а Македонија е оценета и меѓународно како држава во врвот на листата за корупција.

Сега СДСМ и ДУИ решаваат да не се мачат со молби, закани, уцени… со мамнипулации во обвинителството и судството туку – да донесат закон со кој се одземаат низа ингеренции на обвинителите и судиите и тие права се доделуваат – на извршната власт, на владата.

Владата ќе може да блокира сметки, имот, дозволува или одзема право за вршење јавна функција, за тоа дали некој може или не да се кандидира за пратеник, претседател… и, да гони ако некој врши “хибридни дејства против државата“! Термин во кој може да се смести безмалку секое и секакво однесување на поединец, граѓанин и јавна личност, причина за да биде гонет од владата.

Што содржи најавениот, а денес на влада и одобрениот, текст на нивниот ЗАКОН ЗА РЕСТРИКТИВНИ МЕРКИ

I. ОСНОВНИ ОДРЕДБИ

Член 1

Со овој закон се уредуваат постапката за воведување, изменување и престанување на важење на рестриктивните мерки, спроведувањето, координацијата, евиденцијата, надзорот и други прашања кои се однесуваат на рестриктивните мерки.

Член 2

Рестриктивни мерки во смисла на овој закон се мерките кои имаат за цел одржување на меѓународниот мир, безбедноста, почитувањето на човековите права и основните слободи, развојот на демократијата и владеењето на правото како и корупција и други кривични дела против службената должност, организираниот криминал и хибридни активности против државата кои се воведуваат, изменуваат илипрестануваат врз основа на:

а) правно обврзувачки резолуции на Советот за безбедност на Обединетите нации;

б) правни акти на Европската Унија;

в) правни акти на Соединетите Американски Држави;

г) правни акти на Обединетото Кралство;

д) правни акти на други меѓународни организации во кои членува Република Северна Македонија во согласност со меѓународното право;

ѓ) барање од надлежен орган на друга држава за воведување, изменување или престанување на важење на финансиски мерки против тероризам и/или пролиферација,

е) други акти согласно со овој закон.

Член 3

Рестриктивните мерки може да се применат кон една или повеќе држави, меѓународни организации, физички лица, правни лица, вклучително и носители на јавни функции, групи и/или организации опфатени со членот 2 од овој закон (во натамошниот текст: определени лица).

Член 4

Видови на рестриктивни мерки се:

а) ембарго на стоки и услуги;

б) ембарго на оружје;

в) забрана за влез во Република Северна Македонија;

г) финансиски мерки и

д) други мерки согласно со меѓународното право.

Член 6

Одделни изрази употребени во овој закон го имаат следново значење:

1) „Ембарго на стоки и услуги“ е целосна или делумна забрана на увоз, извоз и транзит на стоки, давање услуги, трансфер на технологии и активности поврзани со трговијата на стоки и услуги кои се предмет на забраната;

2) „Ембарго на оружје“ е целосна или делумна забрана на трговија со оружје и воена опрема и давање на техничка помош и донации во финансиски средства, оружје и воена опрема на определените лица на кои се однесува забраната;

3) „Забрана за влез“ е забрана за влез и транзитирање преку територијата на Република Северна Македонија на лица од странство на кои се однесува рестриктивната мерка;

4) „Финансиски мерки“ се забрана за користење, пренос, конверзија, трансфер или друг вид на располагање со имот, забрана на ставање на располагање на каков било имот, директно или индиректно, како и забрана за воспоставување или продолжување на деловен однос.

Овие мерки се однесуваат и на:

– имот со кој целосно или делумно, директно или индиректно располагаат, го користат, го имаат во сопственост или го контролираат определените лица,

– имот кој потекнува или произлегува од имот со кој целосно или делумно, директно или индиректно располагаат, го користат, го имаат во сопственост или го контролираат определените лица или имот дополнително стекнат од страна на определените лица по различни основи.

5) „Имот“ се пари, фондови или други финансиски средства или економски ресурси, вклучително но не само инструменти за плаќање, хартии од вредност, депозити, друга сопственост од секаков вид и тоа материјална или нематеријална, движна или недвижна, други права врз предметите, побарувања, како и јавни исправи и легални документи за сопственост и актива во пишан или електронски облик или инструменти со кои се докажува правото на сопственост или интерес во таквиот имот;

6) „Тероризам“ е дејствие определено со Кривичниот законик за кривични дела поврзани со неовластено прибавување и располагање со нуклеарни материи, грабнување на воздухоплов, брод или неподвижна платформа, загрозување на безбедноста навоздушниот сообраќај, Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност, Учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, терористичка организација , Тероризам, Финансирање на тероризам, Злосторство против човечноста, Меѓународен тероризам, Загрозување лица под меѓународна заштита и Земање заложници или друго дело на тероризам предвидено со Кривичниот законик или друго дејствие сторено со намера да предизвика смрт или тешка телесна повреда на граѓаните или на други лица кои не се вклучени во судир кој има карактер на вооружен судир според меѓународното право, со намера да се создаде чувство на несигурност или страв кај граѓаните или да се присили некоја држава или меѓународна организација да изврши или да се воздржи од извршување на определени дејствија;

7) „Консолидирана листа“ е листа на определени лица кон кои се воведени финансиски мерки против тероризам и ширење (распространување) на оружје за масовно уништување и негово финансирање и за корупција и организиран криминал и хибридните активности против државата;

8) „Други мерки согласно со меѓународното право“ се целосен или делумен прекин на дипломатските, финансиските и економските односи, на сообраќајните, воздушните, поштенските и други комуникации со една или повеќе држави во согласност со меѓународното право;

9) „Субјекти“ се лицата кои имаат обврска да ги преземаат мерките и дејствијата за борба против за корупција и организиран криминал и хибридните активности против државата, спречување на перење пари и финансирање на тероризам предвидени со Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам и Агенцијата за катастар на недвижности.

Член 7

(1) Рестриктивните мерки се итни и се применуваат без одлагање.

(2) Резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации со кои се воведуваат рестриктивни мерки веднаш по нивното усвојување, а најдоцна во рок од 24 часа од усвојувањето се објавуваат на интернет страната на Министерство за надворешни работи и се применуваат од моментот на нивното објавување од страна на Министерството за надворешни работи.

(3) Податоците и информациите во постапките кои се водат согласно со овој закон се користат согласно со прописите за заштита на личните податоци и за безбедност на класифицирани информации.

II. ВОВЕДУВАЊЕ, ИЗМЕНУВАЊЕ И ПРЕСТАНУВАЊЕ НА

ВАЖЕЊЕ НА РЕСТРИКТИВНИТЕ МЕРКИ

Член 8

(1) Владата на Република Северна Македонија, на предлог на надлежните органи од членот 9 од овој закон, донесува одлука за воведување, изменување и престанување на важење на рестриктивните мерки.

(2) Со одлуката од ставот (1) на овој член се определува:

… (4) Определеното лице има право да поведе управен спор против одлуката од ставот (1) на овој член пред Управен суд согласно со Законот за управните спорови.

Член 9

(1) Министерството за надворешни работи до Владата на Република Северна Македонија доставува предлог за донесување на одлука за воведување, изменување или престанување на важење на рестриктивни мерки усвоени од Советот на Европската Унија, правните акти на Соединетите Американски Држави или Обединетото Кралство или правните акти на други меѓународни организации во кои членува Република Северна Македонија во согласност со меѓународното право.

(2) Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за национална безбедност или Управата за финансиско разузнавање до Владата на Република Северна Македонија доставуваат предлог за донесување на одлука за воведување, изменување или престанување на важење на финансиски мерки против тероризам и ширење (распространување) на оружје за масовно уништување и нивно финансирање, како и против корупција и други кривични дела против службената должност, организираниот криминал и хибридни активности против државата (во натамошниот текст: финансиски мерки против тероризам и/или пролиферација, како и против корупција и други кривични дела против службената должност, организираниот криминал и хибридни активности против државата).

(3) Министерството за надворешни работи за барањето од надлежен орган на друга држава, до Владата на Република Северна Македонија доставува предлог за донесување на одлука за воведување, изменување или престанување на важење на финансиски мерки против тероризам и/или пролиферација, како и против корупција и други кривични дела против службената должност, организираниот криминал и хибридни активности против државата по добиеното мислење од органите од ставот (2) на овој член.

(4) Јавното обвинителство на Република Северна Македонија,

Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за национална безбедност или Управата за финансиско разузнавање до Владата на Република Северна Македонија доставуваат предлог за донесување на одлука за поднесување на барање до надлежен орган на друга држава, до надлежна институција на Европската Унија или до Советот за безбедност на Обединетите нации за воведување, изменување или престанување на важење на финансиски мерки против тероризам и Пролиферација.

(5) Министерот за надворешни работи ги пропишува критериумите за назначување на определени лица согласно резолуциите 1267, 1989 и последователните резолуции на Советот за безбедност на Обединетите Нации.

(6) Владата на Република Северна Македонија, на предлог на Министерството за надворешни работи, а во врска со барањето од членот 11 на овој закон, донесува одлука за назначување дека Република Северна Македонија е држава – барател за воведување на рестриктивни мерки согласно резолуциите 1267, 1989 и последователните резолуции на Советот за безбедност на Обединетите Нации.

(7) Министерот за надворешни работи ги пропишува формата, содржината и начинот на доставување на предлогот за назначување на определени лица до Комитетот на Обединетите Нации, како и за нивно остранување од листите на определени лица, следејќи ги воспоставените процедури на овој Комитет.

Член 10

(1) Предлогот од членот 9 ставовите (2), (3) и (4) од овој закон во прилог содржи листа на определени лица за кои постојат разумни основи за сомневање дека учествуваат или на кој било начин се поврзани со активности на тероризам и/или пролиферација, како и против корупција, и други кривични дела против службената должност, организираниот криминал и хибридни активности против државата.

(2) Листата на определени лица од ставот (1) на овој член содржи податоци за име и презиме на физичко лице или назив на правно лице, група или организација и други податоци кои ќе овозможат нивно прецизно идентификување.

Член 5

(1) Доколку било кои од рестриктивните мерки наведени во членот 4 се воведени против една или повеќе држави, меѓународни организации, физички лица, правни лица, групи и/или организации, како и носители на јавни функции опфатени со членот 3 од овој закон, веднаш по донесувањето на одлука за воведување на тие рестриктивни мерки, органот надлежен за предлагање и спроведување на рестриктивната мерка до надлежното јавно обвинителство ќе ги достави во целост сите факти, околности и/или информации во било која форма кои придонеле за донесување на одлука за воведување на тие рестриктивни мерки,

(2) По приемот на фактите, околностите и/или информациите во било каква форма, кои придонеле за донесување одлука за воведување на тие рестриктивни мерки, надлежното јавно обвинителство веднаш ќе започне кривична постапка и/или постапка за конфискација на имот во кривична или граѓанска постапка, против лицето, групата и /или организацијата, и/или поврзани лица, групи и/или организации, доколку постои основ за проширување на истрагата, за утврдување на кривична и/или граѓанска одговорност.

(3) Надлежното јавно обвинителство најдоцна во рок од 6 месеци ја завршува постапката од став 2

(4) Доколку постапката од став (2) заврши со поднесување на обвинение, на обвинетиот ќе му биде времено забрането да се кандидира за јавна функција (избрана или именувана), ќе биде времено оддалечен од вршење на јавната функција (избрана или именувана), додека на правните лица им се забранува – склучување на договори и други сродни правни работи се до донесувањето на правосилна судска пресуда.

Член 14

(1) Секое физичко и правно лице е должно да ги почитува и спроведува рестриктивните мерки од овој закон.

(2) Секое физичко и правно лице, државен орган и орган на единица на локалната самоуправа се должни при спроведувањето на воведените рестриктивни мерки да соработуваат со органите за спроведување на рестриктивните мерки определени со одлуката на Владата на Република Северна Македонија и навремено да ги информираат.

(3) Финансиските мерки ги спроведуваат субјектите.

(3) Органите за спроведување на рестриктивни мерки определени со одлуката на Владата на Република Северна Македонија од членот 7 став (1) од овој закон во рок од три дена од спроведената рестриктивна мерка го известуваат Координативното тело од членот 20 став (1) од овој закон за секоја спроведена рестриктивна мерка.

Член 17

Совесни трети (bona fide) лица може да поднесат барање за обезбедување на самостојни права врз имотот предмет на финансиските мерки пред надлежниот суд во рок од шест месеци од објавувањето на одлуката на Владата на Република Северна Македонија од членот 8 став (1) од овој закон во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Член 20

Со имотот опфатен со финансиска мерка управува Агенцијата за управување со одземен имот согласно со закон.

Координација и следење на спроведувањето на рестриктивните мерки Член 21

(1) За координација и следење на спроведувањето на рестриктивните мерки, Владата на Република Македонија на предлог од Министерството за надворешни работи формира Координативно тело, за период од четири години.

(2) Координативното тело од ставот (1) на овој член се состои од претседател кој е раководно лице од Министерството за надворешни работи и по еден член од редот на раководни лица од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, Министерството за надворешни работи, Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи, Министерството за економија,

Министерството за финансии, Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за национална безбедност, Царинската управа, Агенцијата за управување со одземен имот, Управата за финансиско разузнавање и Управата за финансиска полиција.

(3) Координативното тело од ставот (1) на овој член донесува Деловник за начинот на своето работење.

(4) Стручно – административните работи за Координативното тело ги врши Министерството за надворешни работи.

…  Член 31

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република

Северна Македонија“, а ќе започне да се применува од 1 јануари 2018 (?) година

Ова е Законот со кој владата на себе си дава право нивни функционери, и од владата формирани “комисии“, да донесуваат одлуки со судска извршна моќ, и да делегитимираат низа закони кои се однесуваат на утврдување основаност за прогон и истрага, основаност за забрана вршење јавна функција, основаност за блокирање или одземање имот дури и без судска пресуда… Серија закони и овластувања на Обвинителството и Судството – преминуваат во рацете на Извршната власт.

Министерството за правда, на 26.12.2023 со Допис бр 21-3201/2 до Владата го оспори донесувањето на овој Закон каков што е замислен со низа укажувања дека ваквиот закон е во спротивност со неколку уставни одредби и во конфликт со низа веќе постоечки закони кои се однесуваат на наведените области кои Владата сака да ги одземе од судска, и да ги стави под своја, политичка контрола.

Владата на последната седница ги разгледала тие примедби, некои од содржините се преработени со други зборови но, со иста цел и ефект, е повеќето забелешки од Министерството за правда не се прифатени.

Владата сепак највува дека овој Закон вака, или онака, ќе се донесе, и со тоа владата ќе му наложува на Обвинителството кого да гони само затоа што странска држава го смета за неподобен, да донесува одлуки за блокирање сметки и имот како и одземање на имот без судска одлука, да забранува трговија на фирми за кои таа ќе реши, да донесува одлуки со ограничување законски и човекови права на говор, јавен настап, вршење јавна или политичка функција… особено со ширика примена на фамозниот термин “хибридно загрозување на државата“ (читај – на власта).

Сетоа тоа без судење, пред стручни судски органи, туку решено на некоја “владина комисија“.

Во уставот, утврдена е строга поделба на власта на Законодавна (Собрание), Извршна (Влада и Претседател и Судска во која спаѓаат Обвинителството, Судовите, Управата за санкции и адвокатите како дел од судските процеси. Со Устав е строго забрането мешање на ингеренциите на извршната во судската власт.

Со овој Закон, Уставот не важи. Извршната власт, Владата, одзема голем дел од ингеренциите на обвинителството и судството и правата си ги додлеува на себе. Патем, овој закон е во судир со низа закони за управни и кривични постапки кои се предвидени за дела наведени во овој “владин закон“.

Судење од “комисии“, а не пред стручни судски лица во прецизно определена судска постапка е надвор од основните принципи на демократијата, и примената на Законот за рестриктивни мерки со вакви овластувања на Владата претставува партиски суд, воден од партиски функционери и “комисии“ кои во дадено време се на власт и, без сомневање, отворен лов на сите политички и бизнис противници на луѓе од актуелна валст, која и да е таа. И сега, и во иднина.

Не е наведено, и презентирано како доказ, дека било која држава во Европа има ваков закон. Прецизно ваков, а не со вакво име, со вакви одредби и овластувања на извршната власт.

Одговорноста за узурпација на судскиот систем од страна на Владата и негова дисфункција, на брифинзи пред новинари блиски до власта, Владата ја префрла на “странците“, демек тие инсистирале на овој закон. Дел од министрите во владата се против овој закон, пред се од надлежното Министерство за правда.

Новинарите, кои се одбрани за брифирање од Владата, тврдат дека е ова “алиби“ пред “странците“. Владата доби поддршка од “странците“ да формира власт иако СДСМ загуби на избори, но со ветување дека ќе изврши уставни измени. Откако не го испорача ветеното, според нивниот заклучок, сега владата им нуди на “странците“ нова трговија – ќе ги решиме сите барања со овој “владин закон“, и бараме нова поддршка за власт без победа на избори.

Кога владата се обидува да преземе целосна власт во државата и се крие зад “странците“, не треба да се надева дека некој ќе и верува. “Странците“ имаат големо влијание и во Молдавија, Црна Гора, Албанија, Романија… а никаде на друго место ваков закон, со оваа содржина, не е донесен. Освен – кај нас.

Она што следи е став и реакција на интелектуалците, на луѓе од струката поврзани со обвинителството, судството, со правните науки… И, на крај, од луѓето во Собранието кое треба да решава за овој и ваков закон. Никој не може да биде сигурен дека овој закон нема да биде употребен против него – никој, ни сега ни во иднина. Владите се менуваат но, заканите од судењето на  владините “комисии“ ќе останат.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content