Нема предвремен зимски распуст
Засега според надлежните институции нема најави за нови рестриктивни мерки меѓу кои и предвремено почнување на зимскиот распуст за учениците поради проценките дека состојбата со ширењето на вирусот е стабилна.

Министерката за образование и наука Мила Царовска вчера изјави дека тринеделниот зимскиот распуст ќе биде во редовниот период, согласно календарот на МОН. Таа смета дека нема потреба од негово поместување зашто состојбата со КОВИД-19 и натаму е стабилна. Доколку состојбата драстично се промени поради ризикот со „омикрон“ и ако во други сектори се донесат други, како што рече, драстични мерки за ограничување, МОН тогаш има одговорност да ги разгледа тие факти и аргументи и заедно со Комисијата за заразни болести ќе донесе одлуки што ќе бидат во интерес на учениците и на заштита на јавното здравје.
Во изјава за медиумите, Царовска истакна дека наставата со физичко присуство, која се спроведува од септември како најпосакувано од трите подготвени сценарија, покажува одлични резултати.