Најниските пензии ќе скокнат за 800, највисоките за 4.750 денари!

34

Пензионерите на 1 октомври ќе добијат усогласена септемвриска пензија, зголемена за 6,8 проценти, како последица на растот на трошоците за живот и на просечната плата. Тоа значи дека оние со најниски пензии, кои во моментов изнесуваат 11.897 денари, ќе добијат дополнителни 810 денари, додека, пак, 75 приматели на највисока пензија (69.803 денари) ќе се израдуваат на плус 4.750 денари. Со ова усогласување, ниските пензии ќе мрднат мал чекор напред, а големите пензии стануваат уште поголеми.

Од вкупно 336.806 пензионери, кои се евидентирани во ПИОМ заклучно со август, 97.033 примаат пензии до 13.300 денари, 66.454 пензионери имаат пензиски примања до 16.000 денари, а 86.719 – до 22.000 денари. Износи над 22.000 денари добиваат 92.600 пензионери и во оваа група се највисоките пензии, кои се од 48.304 до 69.803 денари. 

Грото од пензионерите, незадоволни од ваквото усогласување на пензиите, на протести бараа линеарно покачување за сите од 3.500 денари и утврдување на минималната пензија над 18.000 денари. Тие велат дека, за нив, процентуалното зголемување не е прифатливо решение, затоа што потрошувачката кошничка, во апсолутен износ, за сите се зголемила исто.

Доколку се оди кон линеарен пораст на пензиите од 3.500 денари, тоа претпоставува дека месечно ќе бидат потребни дополнителни 1.178.821.000 денари или 19,1 милион евра, а годишно 230 милиони евра.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска очекува наскоро да има конкретни предлози од работната група за барањата на пензионерите, кои потоа ќе бидат доставени до Владата.

– Сите барања се разгледуваат едно по едно, а кога има потреба, повикуваме претставници од Министерството за здравство и од Фондот за здравство, затоа што дел од барањата се поврзани со олеснување во делот на здравствената заштита на пензионерите. Очекуваме наскоро да има конкретни предлози од работната група и тие ќе бидат проследени до Владата. Во овој момент, има голем број барања, кои не се само од аспект на зголемување на пензиите туку и во делот на здравството и други услуги што ги сакаат пензионерите. Пензионерите навреме ќе бидат информирани за сè – изјави Тренчевска.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content