СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Избори 2021

Уште четири дена изборна кампања со засилени активности

На четири дена до завршувањето на кампањата пред вториот круг на локалните избори, учесниците во изборниот процес ги продолжуваат активностите, презентирајќи ја својата програма пред граѓаните. Дел од партиите веќе и јавно се изјаснија на кого ќе ја дадат поддршката во вториот круг, а не стивнуваат ниту обвинувањата за притисок врз гласачите.

Од „Беса“ вчера ги повикаа своите гласачи да ја дадат поддршката за кандидатите на Алијанса на Албанците, а истото го сторија и од Алијанса на Албанците. Ова, како што изјавија од двете партии, го прават за да ја симнат ДУИ од власта.

– Политичката сцена во наредните години мора да се промени. Затоа, сакаме заедно да ја водиме и да ја направиме оваа промена, истакна вчера генералниот секретар на „Беса“, Арјанит Хоџа.

И потпретседателот на Алијансата на Албанците, Арбен Таравари на прес-конференција ја најави поддршката за кандидатите за градоначалници на Беса во вториот круг и ја поздрави нивната одлука да дадат поддршка на кандидатите на Алијанса-Алтертнатива.

– Ние и натаму тврдиме дека ДУИ треба да падне од секоја власт. Се надеваме дека Движењето Беса навистина има за цел да се одвои од злото, но потсетуваме дека тоа се прави само доколку ДУИ биде целосно отстранета од власта и создадеме ново парламентарно мнозинство, рече Таравари.

Ставот на Беса во вториот круг да даде поддршка на кандидатите од Алијанса/Алтернатива, според лидерот на СДСМ Зоран Заев, не значи дека е ставена под знак прашалник владината коалиција. Заев вчера оцени дека владината коалиција е стабилна и дека легитимно право е на секој да се бори за гласови. Не го разочарало ниту тоа што коалиционите пратнери ЛДП и ДОМ јавно не ги повикале своите поддржувачи да дадат поддршка во вториот круг за кандидатите од коалицијата на СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја реафирмираше поддршката за кандидатите на Алијанса на Албанците и Алтернатива. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во саботата најави дека во местата каде немаат свои кандидати во вториот круг, ќе ги поддржат кандидатите кои се опозиција на власта.

– ВМРО-ДПМНЕ ја реафирмира поддршката за кандидатите за градоначалници од Алијансата на Албанците и Алтернатива. Во местата каде немаме свои кандидати во вториот круг, природно ќе ги поддржиме кандидатите кои се опозиција на власта и се борат против оваа власт која е корумпирана и криминална, рече Николоски.

Од друга страна, продолжуваат обвинувањата за поткуп и притисок врз гласачите. ВМРО-ДПМНЕ викендов излезе со обвинување дека имало полициски закани на денот на изборите, а Обвинителството вчера соопшти дека Комисијата за следење на изборни нерегуларности постапува по сите примени поднесоци, пријави и сознанија за евентуално сторени кривични дела поврзани со организирањето и спроведувањето на изборите.

– До надлежното Основно јавно обвинителство се доставени наводите со насоки истите да се проверат и доколку се утврдат елементи на сторени кривични дела, да се постапи согласно законските надлежности, информираа вчера од Обвинителството.

Од Министерството за внатрешни работи вчера категорично ги отфрлија, како што посочија, невистините кои ги шири ВМРО-ДПМНЕ за надовно „координирано следење, малтретирање и селективно попречување на слободата на луѓе”.

Во пресрет на гласањето од вториот круг на локалните избори што ќе се одржи во недела, кандидатите за градоначалници денеска продолжуваат со своите ветувања пред граѓаните за изградба на инфраструктурни објекти, решавање на комуналните проблеми, бесплатен превоз, почист воздух и животна средина.

Во однос на известувањето на изборите од страна на медиумите, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги како медиумски регулатор вчера сооошти дека не се констатирани прекршувања на одредбите од Изборниот законик од страна на радиодифузерите.

Според Агенцијата, сите комерцијални сервиси на национално ниво вложиле напори да обезбедат медиумско покривање на изборната кампања и речиси сите, освен што информирале во дневно-информативните емисии, за учесниците во изборите резервирале и повеќе посебни информативни програми.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content