СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Македонија

Функцијата воведена за Груби и апанажата за предвреме разрешени функционери денеска на Уставен суд

Функцијата на Артан Груби, прв вицепремиер и апанажа за функционерите кои предвреме се разрешени, се меѓу точките за кои Уставниот суд треба да одлучува дали се во согласност со Уставот и дали ќе отвори предмети.

Уставниот суд денеска ќе одлучува дали апанажата што ја земаат функционерите на кои им престанала функцијата пред времето за која биле избрани е во согласност со Уставот на Република Македонија.

„На 7 декември 2022 година, Уставниот суд одлучи да поведе постапка и изрази сомнеж во уставноста на членот 22 од Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија. Во членот за кој е поведена постапка е предвидено дека пратеник, функционер и раководен работник кој поднел оставка или е разрешен од должноста пред истекот на времето за кое е избран, именуван или назначен, ги има правата на остварување на плата по престанувањето на функцијата. Лицата додека го остваруваат правото на плата, имаат право и на надоместок за користење на годишен одмор, според став 2 од членот 22 од Законот”, најавуваат од Уставниот суд.

Судот претходно одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на другите оспорени членови од овој закон.

На иницијатива на Левица, Уставниот суд ќе одлучува дали ќе отвори предмет преку кој ќе разгледува дали функцијата прв заменик на претседателот на Владата задолжен за координација на политичките прашања на ресорите е во согласност со Уставот.

Според Левица, функција на Груби е противуставна и затоа со иницијативата спори делови од Деловникот за изменување и дополнување на Деловникот за работа на Владата.

„Подносителот на иницијативата наведува дека Уставот предвидува дека организацијата и начинот на работата на Владата се уредува со закон, а таков посебен закон е Законот за Владата, кој, според наводите во иницијативата дозволува претседателот на Владата од редот на министрите да именува свои заменици, но не дозволува рангирање на „вицепремиерите” од типот „прв”, „втор”, „трет” и слично”, соопшти од Уставниот суд во најавата за денешната седница.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content