Матурантите организирани од Сојузот на средношколци од денеска привремено ќе го прекинат бојкотот на наставата кој започна со почетокот на второто полугодие. Тие даваат рок до крајот на месецот пратениците во Собранието да ги усвојат нивните барања односно да се намалат предметите за полагање матура од четири на два – мајчин јазик и предмет по избор од областа во која матурантот планира да ги продолжи студиите.
Претходната недела тие имаа средби со пратеници во парламентот и очекуваат дека ќе се исполнат нивните барања.
Од Министерството за образование и наука, пак, досега неколку пати посочија дека не отстапуваат од актуелниот концепт за државна матура и дека законски измени не може да се прават во од, а нов концепт на матура најавуваат од наредната година.
Ставот на МОН е дека има и законска обврска да овозможи полагање на државната матура, зашто над 14 илјади матуранти во законскиот рок (крајот на декември) веќе се пријавиле за државна матура и ги избрале предметите по кои ќе бидат тестирани.