Македонскиот домат и јаболка сѐ помалку се (от)купуваат!

55

Државниот завод за статистика: За тргувањето со земјоделски производи во првиот квартал на 2023 година

Откупот и продажбата на земјоделски производи во првото тримесечје од 2023 година бележи загрижувачки податоци. Вредноста на вкупно откупената и продадена вредност во првите три месеци годинава изнесува 3.136.295 илјади денари и во однос на истиот период од претходната година е намалена за 35,3 отсто. Уште позагрижувачки податоци, кои ги објави Државниот завод за статистика, се однесуваат на откупот на земјоделски производи од индивидуалните производители, каде што има намалување за 58,7 отсто! Високиот пад на откупот на домашното земјоделско производство не можеше да биде надоместен од зголемувањето од 21 отсто на продажбата на земјоделски производи од сопствено производство.

Големи осцилации во однос на произведените и откупените количества
Најновите квартални статистички податоци за откупот на земјоделските производи се одраз на долгогодишната состојба во аграрниот сектор, кој беше изложен на големи осцилации и промени во однос на произведените и откупените количества. И покрај високиот пораст на цените на храната и на земјоделските производи, македонското аграрно производство во првиот квартал од годинава не успеа да оствари „позитивен“ раст. Доколку се погледне структурата на вредноста на извршениот откуп, во периодот јануари-март годинава, ќе се забележи огромен пад во откупот кај полјоделското производство, кое од 2,9 милијарди денари минатата година е намалено на седумстотини милиони денари!
Најголемо намалување има кај индустриските растенија (- 88,3 отсто), кај фуражните култури намалувањето е за 90 отсто и откупот кај градинарските култури е помал за седум отсто. Поединечно најголемо намалување на откупот има кај пченицата, од 6.730 тона на 2.265 во првите три месеци од 2023 година. Во овој период има намалување и на откупот на доматите, од 2.958 на 2.409 тона, а исто така и кај јаболката, од 15.268 на 11.405 тона.
Состојбата на откупот и на продажбата кај сточарството во однос на минатата година е подобра и има зголемен откуп кај свињите, овците и јагнињата и кај предаденото млеко. Намалување во откупот има единствено кај говедата од 291 тон на 103 тона, што се должи на долгогодишниот тренд на намалување на бројот на говеда во домашните индивидуални фарми.
Драстичниот пад на откупеното земјоделско производство се поврзува со зголемениот увоз на земјоделски производи, што особено беше истакнат во текот на зимскиот период, кога цените на увезената храна го достигнаа максималното ниво. Зголемениот увоз беше овозможен со олеснувањето на трговските процедури меѓу земјите од регионот, а тоа предизвика и зголемување на комерцијалната размена во областа на земјоделството и храната, но на штета на домашните земјоделски субјекти.
За споредба, според статистиката на албанското министерство за земјоделство и рурален развој, во 2022 година, преку иницијативи и намалување на царините и други пречки, земјата успеала да го зголеми за 25 отсто обемот на трговската размена во земјоделството со земјите од Отворен Балкан, во Македонија и Србија. Извозот на албански земјоделски производи само во Македонија порасна за 37,2 отсто вредносно и 32 отсто по количество. Истовремено, увозот на земјоделски производи од Србија во Албанија е намален за 9 отсто, а од Македонија за 22 отсто.

Причини за намалениот откуп

Причина за намалениот откуп, според земјоделците, е и намалувањето на домашното градинарско и полјоделско производство, што ни се случува во изминатите години, поради намалување на интересот на младата популација за продолжување на земјоделското производство во руралните средини. Дополнителен проблем предизвикаа и мерките на Владата за ограничување на цените на некои земјоделски производи, со намера да влијаат на намалување на цените на зелените пазари.
– Владата уште со укинувањето на прелевманите за увоз на градинарски производи и со договорот за бесцарински увоз во земјите од Западен Балкан го уништи домашното производство, а со оваа мерка веќе го докрајчи оранжериското и градинарското производство во земјава, кое од година на година се намалува. Нерешени се низа состојби што придонесоа да има сè помалку работна рака, а трошоците на производство да растат – велат од Групацијата на оранжериско и пластеничко производство.
Поради високите трошоци на производството во изминатите години, од 15 оранжерии годинава беа активни само три, кои поради ограничената цена, но и поради неконтролираниот увоз на поевтини производи, се соочуваат со проблеми во финансиското работење.
Од Групацијата на оранжериско и пластеничко производство на Стопанската комора предупредија дека, поради високите влезни трошоци за енергенти, струја и хемиски препарати, домашното оранжериско производство ја губи пазарната позиција во конкуренцијата од Албанија, Грција и Турција уште на почетокот, бидејќи, поради климатските поволности тамошните оранжерии не користат енергенти за затоплување, а субвенциите се повисоки. Учеството на пазарот на домашното производство се сведе на 10 отсто, а доминира увозниот градинарски производ.
Како проблеми на кои посочуваат индивидуалните земјоделци се монополското однесување на големите дистрибутери на раноградинарски производи и на откупувачите, кои ги одредуваат ниските откупни цени. Очекувањата на земјоделците се дека доколку има реална поддршка од Владата околу откупот на земјоделските производи ќе се задржи и домашното производство. Како главна причина за намалување на производството на земјоделските култури е што не постои систем на гарантиран откуп или договорно производство, кое ќе обезбеди сигурен пласман.
– Пазарните односи меѓу учесниците во производството и преработката на храна се нерешени, а ниските откупни цени на земјоделските производи ги принудуваат примарните производители да се борат за својот опстанок. Индивидуалните производители се раситнети и економски немоќни, во однос на откупувачите, кои се помоќни и поорганизирани во поставувањето на условите за откуп на земјоделските производи. Во такви услови не постојат фер односи при формирањето на откупните цени – вели Драган Димитриевски, професор на Земјоделскиот факултет во Скопје.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content