СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Македонија

Проширување нема да има пред реформа на Унијата!

Новиот претседавач со ЕУ, Белгија, го кажа гласно она што на сите им е јасно
Европската Унија нема никаква намера да се проширува во скоро време, така што евентуалните уставни измени што Македонија би ги направила во претстојниот период ќе бидат само уште едно ново разочарување за македонските граѓани, слично на она по промената на името.
И покрај убедувањата од домашните политичари дека внесувањето на Бугарите во македонскиот устав широко ќе ги отвори европските перспективи за земјава и дека членството во Унијата може да стане достижна цел до 2030 година, пораките што пристигнаа од новиот претседавач со Унијата, Белгија, воопшто не се охрабрувачки.
Имено, белгискиот премиер Александер де Кро на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, по средбата на еврокомесарите со министрите во белгиската влада со која официјално беше инаугурирано претседавањето на Белгија со Советот на ЕУ, истакна дека пред да се реформира Унијата нема да се случи никакво проширување.
– Пред да станеме поголеми, ќе мора да станеме подобри, па затоа ЕУ ќе мора да се реформира пред да биде подготвена за проширување и за прием на нови членки… Потребна ни е Европска Унија што ќе биде способна да носи одлуки на побрз начин, задржувајќи го своето единство и што ќе биде поефикасна во искористувањето на ресурсите – порача Де Кро.
Тој уште додаде дека сето она што ќе го работи Белгија како претседавач со Унијата во следните шест месеци ќе биде насочено кон интересите на европските граѓани и нивната благосостојба.
– Нашето претседавање доаѓа во значајно време. Како никогаш досега жителите на Европа гледаат кон ЕУ со јасни очекувања да ги заштити, да ја зајакне нивната благосостојба и да ја подготви нивната заедничка иднина – потенцираше Де Кро.
Очигледно белгискиот премиер само се надоврзува на плановите на францускиот претседател Емануел Макрон, проширувањата да се држат понастрана од европската агенда, а земјите кандидати да се „охрабруваат“ со финансиска помош само колку да го задржат европскиот курс и да останат во европската сфера на влијание, без да се остави каква било можност балканската интересна сфера да ја пополнат некои други земји, кои Брисел ги перципира како непријателски.
На ваквото сценарио веќе подолго време предупредува и еден од најголемите лобисти за проширувањето на ЕУ, Австриецот Гералд Кнаус, според кого, приказната за ново класично проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан веќе не поминува и тие треба да се свртат кон поинаква тактика, односно да најдат начин како да го извлечат максимумот од оваа статус кво ситуација во процесот на прием на нови членки.

– Тоа значи веднаш да се побара пристап до заедничкиот европски пазар и да уживаат во четирите слободи. Да појаснам, тоа за вашите граѓани ќе значи како да се дел од ЕУ и без полноправното членство во многу краток период – советува Кнаус, потсетувајќи на примерите на Норвешка, Исланд, Австрија, Финска, Шведска, од кои сите најпрво станаа дел од заедничкиот европски пазар, а последните три земји подоцна добија полноправно членство.
Кнаус ја препорачува таквата формула и за земјите кандидатки во услови кога проширувањето е ставено ад акта додека ЕУ внатрешно не се реформира, па затоа советува земјите да се посветат на внатрешните реформи, да се држат до плановите за полноправно членство, но истовремено да инсистираат за брз пристап на заедничкиот европски пазар.
Познавачите на евроинтеграциските услови во земјава не се изненадени од пораките што доаѓаат од земјата претседавач со Унијата.
– Белгискиот премиер Де Кроа и претходно излезе со јасен став дека нема да има ново проширување на Унијата сѐ додека не се спроведат сериозни внатрешни реформи во ЕУ, за да може таа да биде подготвена за нови проширувања и, што е уште поважно, да може да биде вистински функционална. Од друга страна, кај добар дел од европските земји, првенствено мислам на оние поголеми и помоќни земји, постои одбивност кон проширувањето, така што повиците за внатрешно реформирање на Унијата на некој начин се како добредојдени за да се тргне точката за проширување од дневен ред. Затоа е тука сега Европската политичка заедница, за да се држат земјите кандидатки доволно блиску, но истовремено доволно далеку од себе – посочуваат соговорниците.
Дел од нив одат дотаму што не се убедени дека Македонија воопшто некогаш ќе стане дел од Европската Унија.
– Нашите политичари се држат до европската приказна само затоа што немаат што друго да им понудат на граѓаните. Нема владеење на правото, корупцијата метастазира во секоја општествена пора од највисоко до најниско ниво, партизацијата на институциите е максимизирана, администрацијата и натаму само се зголемува, економијата тоне, луѓето се иселуваат од државата, така што потфрламе по сите основи. Ниту обичните луѓе не веруваат дека земјава во некое скоро време ќе стане дел од ЕУ. Мое лично мислење е дека најголемиот дострел што како земја можеме да го направиме е само да бидеме добар сосед на Унијата и ништо повеќе. Затоа е важно да си ги средиме работите дома, оти вакви какви што сме, не сме за никаде – констатираат соговорниците.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content