Кој купи осум пати поевтина опрема од ски-центарот Кожуф?

32

„Елтех“ Дооел Скопје е фирмата која за 21,5 милиони денари (350.000 евра), го купи движниот имот, односно опремата на ски-центарот Кожуф во стечајна постапка, иако истиот според официјалните проценки вредел 174 милиони денари, или осум пати повеќе, објави Централен регистар.

Фирмата „Елтех“ е во сопственост на Борче Јаневски, кој 12 години ја извршува функцијата генерален секретар на Скијачката федерација на Македонија и наедно е импортер на познати спортски брендови во земјата.

Од она што го дознава „Фактор“, зад Јаневски стои австриски инвеститор кој сака да го возобнови ски-центарот со рестартирање на опремата и со купување на недвижниот имот, но откако за тоа ќе добие државна помош во логистика.

Според она што е објавено во Централниот регистар, само шестоседната жичарница со гаража и контролни куќи била проценета на 125,5 милиони денари. Системот за производство на снег реално би чинел 17 милиони денари. Двата ски-лифта биле проценети на 16 милиони денари, трите возила за подготовка на ски-патеката на околу 5,5 милиони, ровокопачите и багерите во проценката изнесуваат нешто повеќе од 4 милиони денари, итн.

Според она што претходно беше кажано по собранието на доверители, продадената опрема на  времето чинела околу 7 милиони евра, а сега купена на ново би била преку 10 милиони евра со актуелните цени, но крајно време било да се продаде, бидејќи во спротивно, ќе требало да се најде на отпад.

Ски-центарот Кожуф е седум години во стечај, а инвестицијата која беше повеќемилионска не се реализираше најмногу поради тоа што патот никогаш не се направи онака како што треба. Со мнозинство гласови од присутните доверители со 86 отсто „за“, пред десетина дена се прифати понудата за продажба на скијачкиот дел, движниот имот на стечајниот должник. Тоа беше прва конкретна понуда за купување на имот од некогашната амбициозна приватна инвестиција.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content