Комисијата за заштита од дискриминација ќе одлучува дали ќе го тужи МОН

59

На денешната седница на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Весна Бендевска, член на КСЗД, ќе извести за неисполнетата препорака и ќе се одлучува за евентуална судска тужба за случај од јавен интерес, односно за системска и продолжена дискриминација на учениците.

Тоа би било прв случај КСЗД да побара судска заштита како највисока заштита од дискриминација.

„Кога една препорака не е спроведена, Комисијата има обврска да поведе прекршочна пријава против утврдениот дискриминатор. Но, во овој случај станува збор за дискриминација на многу голема популација. Голем број ученици што учат на разни јазици во основното образование остануваат без учебникот како основно средство за стекнување знаења и образование. Таквата форма на дискриминација, според законот, е структурна, системска, што ја прават институциите. Во таков случај Комисијата, во согласност со законот, има право да поведе пред суд тужба од јавен интерес против државните институции, кои не ја отстраниле дискриминацијата“, истакна Бендевска.

Од 126 учебници потребни за сите задолжителни и изборни предмети во деветгодишното основно образование, на почетокот на учебната 2023/2024 година Министерството за образование и наука не обезбедило 43, односно недостигаат 34 отсто учебници.

По сите наставни предмети и на сите наставни јазици учебници ќе имаат само учениците во прво и второ одделение, соопшти вчера Комисијата за спречување и заштита од дискриминација врз основа на списокот со податоци, што на нејзино барање бил доставен од МОН.

По минатогодишното доцнење на учебниците и констатацијата од КСЗД дека е направена продолжена дискриминација врз учениците, Комисијата во јуни годинава упати препорака до МОН да обезбеди учебници по сите наставни предмети и на сите наставни јазици најдоцна до 31 август и да достави писмен извештај.

Според извештајот што бил пратен од МОН, една третина од учебниците и оваа година не се обезбедени. Како што рече Весна Бендевска, член на КСЗД, утврдиле дека МОН не ја отстранило повредата на правото на еднаков пристап до квалитетно образование на поголема популација ученици од основното образование во зададениот рок (31 август), што било негова законска обврска.

Ги напомна меѓународните конвенции за право на образование, како и дека тоа е загарантирано со нашиот Устав, но со оглед дека КСЗД има надлежност да укажува, решение за неспроведената препорака, рече, е судската заштита од дискриминација.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content