Карневалот „Прочка 2022“ повторно во Прилеп

5

Од петок до недела Прилеп ќе биде домаќин на традиционален карневал „Прочка 2022“, на којшто ќе учествуваат маски само од Република Македонија поради се уште актуелната Ковид состојба. Градоначалникот Борче Јовчески на денешната прес конференција посочи дека – Добредојдени сте сите во градот под Марковите кули.

„Со огромно задоволство сакам јавно и официјално да најавам дека по пауза од 2 години во недела на 6 март ќе се одржи надалеку познатиот карневалски бренд на Прилеп и Македонија „Прочка 2022“. Согласно сите здравствени мерки и протоколи, оваа година полека го враќаме сјајот на карневалот и радоста кај прилепчани, со тоа што овој пат ќе имаме маски само од Република Македонија. Сакам да упатам покана до сите, не само до нашите сограѓани туку и до целата македонска јавност и до сите граѓани да повелат да ни дојдат во недела во 12:00 часот. Дефилето на карневалот својот официјален почеток ќе го има пред Домот на културата ‘Марко Цепенков’, од каде што ќе се упатиме до поставената бина на плоштадот ‘Методија Андонов Ченто’.  Ве уверувам дека како домаќини ќе се погрижиме да имате прекрасен и исполнет карневалски ден“, истакна градоначалникот Јовчески.

Снежана Ристеска, Советник за култура во Општина Прилеп, посочи дека се прават последните подготовки за оваа значајна манифестација која годинава ќе се одржи по 20-ти пат.

„Општина Прилеп и здружението ‘Прилепски мечкари’ ги правиме последните подготовки за одржувањето на оваа значајна манифестација која што во изминатиот период постигна голем успех во поглед на промоција на градот Прилеп. Активностите ќе започнат со отварање на изложбата која секоја година е сведок на најразлични креации на маски од страна на учениците од основните и средните училишта во градот под менторство на нивните наставници по ликовно образование и одделенска настава. Изложбата ќе биде отворена во петок во 12.00 часот од страна на градоначалникот Борче Јовчески во Центарот за култура ‘Марко Цепенков’ каде што ќе бидат прогласени и најдобро избраните маски. Централен настан претставува дефилето на маски во недела на кое што ќе се претстават поединечни и групни маски од Прилеп и од други градови од Македонија, а стартот е од пред ЦК ‘Марко Цепенков’. Трасата ќе се движи се до плоштадот ‘Методија Андонов Ченто’, каде што ќе биде главното претставување со изведена кореографија и музика под водство на Марија Спиркоска Илијески. Очекуваме околу 500 учесници во 15-тина групни маски, некои од нив бројат и над 50 учесници. Досега се пријавени учесници од Кавадарци, Пробиштип и Охрид, односно Куратица. Покрај дефилето ќе има куклено шоу, магионичари, жонглерски и други атракции, за сето тоа да заврши со заедничка забава и концерт на групата ФОЛТИН на централната бина, посочи Ристеска Советник за култура.

Според Ванчо Георгиев, претседател на здружението ‘Прилепски мечкари’ посочија дека како здружение со долгогодишна традиција даваат несебична поддршка во делот на организацијата.

„Дадовме наш придонес онолку колку што можевме бидејќи обемот на работа е многу помал. Обезбедивме доволен број на кожи шиевме нови и за прв пат ‘Прилепските мечкари’ ќе учествуваат со нови костуми на дефилето што за нас претставува посебно задоволство бидејќи со истите костуми ќе настапат и на други карневали. Морам да посочам дека го возобновиме карневалот, кој ако и оваа година го испуштивме и не го организиравме полека изумираа желбите за изготвување на маски во градот Прилеп. Во недела ве покануваме сите заедно да присуствуваме на едно наше прилепско издание на карневал, а за наредните години ќе се потрудиме да го вратиме стариот лик на карневалот, посочи Георгиев претседател на здружението ‘Прилепски мечкари’.

Организаторите посочија дека за сите оние, кои се уште не се пријавени, нека ја посетат страницата на карневалот, каде има пријава која можат да ја испратат по електронски пат или пак непосредно пред карневалот да дојдат на централната бина на плоштад. За најубавите маски ќе има и награди за кои ќе одлучува стручна жири комисија. Претседател на комисијата е Кире Миладиноски-кореограф на танц студиото Зодијак, а членови се Цветан Волчески наставник и Хилда Црнеска член на ФЕК. Исто така донесена е одлука за продолжување на работното време на сите кафетерии и ресторани, од Советот на Општина Прилеп и е со важност, така да забавата во вечерните часови може да потрае на задоволство на младите генерации.

Очекуваме сите овие случувања да донесат малку позитивна енергија и расположение, кое ќе овозможи за момент да ги оставиме проблемите настрана и да уживаме, бидејќи кризата која трае подолго време си го зема својот данок од општественото живеење воопшто, посочи Ристеска.

Во понеделник по завршување на карневалот „Прочка 2022“ на пладне, во манастирот „Свети Ѓорѓија“, доколку дозволат временските услови или пак во некој од рестораните тука во градот, ќе се одржи во организација на здружението ‘Прилепски мечкари’ традиционален посен ручек.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content