Како да ги искористите ваучерите за инвертер клими?

106

Доделени се најголем дел од ваучерите за инвертер клими. Од вкупно 6.180 ваучери, останати се околу 400. Нив граѓаните ќе можат да ги подигнат од понеделник до крајот на ноември, во просториите на Министерството за енергетика кое се наоѓа спроти Музејот на Град Скопје, односно стара железничка.

Ваучерите ќе може да се искористат за купување клима во 42 фирми и нивните подружници. Списокот со компаниите и нивните локации е достапен на веб страната на Министерството, каде се објавени и имињата на добитниците.

Низ продавниците за бела техника може да се најдат инвертери од 25, па до 130 илјади денари. Доделените ваучери, пак, имаат вредност од 23 или 25 илјади денари за енергетска ефикасност и од 27 до 30 илјади за ранливите групи потрошувачи. Ако климата е поскапа од ваучерот, тогаш граѓанинот треба да ја доплати.

Сите мора да купат клима до 30 ноември. Потоа ваучерите ќе се сметаат за неважечки. Секоја фирма ќе мора да гарантира дека климата што е продадена ќе биде и наместена на адресата напишана на ваучерот. Така ќе се спречи злоупотреба со препродажба на добиените ваучери.

Во министерството за енергетика ќе има и комисија која ќе проверува дали се почитуваат договорите со фирмите пред да им се исплатат продадените ваучери.

Граѓаните аплицираа во февруари, а процесот го водеше министерството за економија. Дел од оние кои не стигнаа да поднесат ни барање, уште тогаш реагираа дека ваучери биле доделени со партиски врски. Министерката за енергетика, во Тема на денот на Сител, ги повика сите кои мислат дека се оштетени да напишат жалба.

„Сите што сметаат дека биле некако повредени нивните права или не биле избрани како што треба нека ни се обратат на нас, може во архивата, ние се наоѓаме на улица Македонија бб. Може да вложат жалба и ние ќе ја проследиме до правната служба и ќе направиме се за да биде секоја една жалба прочитана и да биде постапено како што треба“ – Сања Божиновска, министерка за енергетика

За проектот обезбедени се над 4 милиони евра. Во последните неколку години се спроведоа повеќе проекти за субвенции за клими и печки на пелети за да се намали загадувањето и да се мотивираат луѓето да не се греат на дрва.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content