Земјоделците можат електронски да видат до каде им се барањата за финансиска поддршка

112

Платежната агенција воведе модул (прегледник) што овозможува електронско следење на податоците во врска со поднесените барања за финансиска поддршка. Модулот е наманет за земјоделците и земјоделските стопанства. Тие преку оваа алатка имаат увид и информации за секоја мерка: статус на мерката, авторизиран износ и дата на авторизација, исплатен износ и датум на исплата, статус на трансакциска сметка „невалиден“ за барателите кои доставиле податоци од невалидна трансакциска сметка, евидентирани ненамирени обврски по сите основи релевантни за спроведување на мерката.

Како што рече денеска директорот на Агенцијата, Илија Стоилев, ова е прв чекор во процесот на дигитализација. За пристап до прегледникот, физичките лица треба да внесат матичен број, а правните субјекти, даночен број. Ќе треба да се внесе и бројот на електронското барање на лицето/субјектот.

Изготвено е и упатство за корисниците кое ќе биде достапно на веб страницата на Платежната агенција, а ќе биде доставено и до подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

– Ова беше една од слабостите на Агенцијата во изминатиот период. Едно од најчесто поставуваните прашања на земјоделците беше „зошто не сум земал субвенции?“. Сега, со регистрирање во прегледникот, ќе добијат одговор веднаш. Тие ќе можат сами да пристапат до своите предмети и да извршат увид, да видат дали и каде има евентуална грешка и сето тоа ќе може да го прават од дома, од компутер или од мобилен телефон, истакна Стоилев на прес-конференција.

Стоилев најави и дека од 1 јануари 2025 година Платежната агенција ќе воведе дополнителна услуга – преку овој модул секој корисник на финансиска поддршка да може да си изврши увид во решението за исплата, но и да го преземе, без да губи време и да се изложува на трошоци за да дојде до Скопје. 

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content