Економија
Започнува етапната исплата на августовските пензии
Од денеска па до 2 септември етапно ќе се врши исплата на августовските пензии во банките, за пензионерите кои не користат картички за банкомат, а тие што користат картички со парите можат да располагаат уште од денеска, соопшти Министерството за труд и социјална политика. Етапната исплата ќе се реализира во четири групи, според висината на пензијата.

Денеска може да се подигнат пензиите чиј износ е до 11.000 денари, утре пензиите во износ од 11.001 до 14.000 денари. Исплатата на пензиите од 14.001 до 18.000 денари ќе биде на 1 септември, а наредниот ден – пензиите повисоки од 18.001 денари.
Пензионерите на чија сметка легнуваат пензиите, а имаат платежна картичка со парите можат да располагаат од денеска. Тие можат пари да подигнат од банкомат, со картичката да купуваат во трговската мрежа и електронски да плаќаат сметки
Министерството апелира до пензионерите да си го знаат распоредот за исплата, со цел да не се создаваат редици пред банките.