Жетвата на оризот се ближи при крај. Досега се ожнеани околу 80% од нивите во кочанско но откупот и никако да почне. Голем дел од земјоделците немаат услови за чување на оризовата арпа а оние најситните кои се и најсиромашни се принудени да го предаваат оризот и без позната цена за да можат да се раздолжат по аптеките штом ќе заврши тактизирањето околу стартот на откупот и откупните цени.
Од самостојниот синдикат на земјоделците сметаат дека државата не смее да стои на страна во услови кога не се почитува законот од откупувачите на ориз кои досега мораше да истакнат откупни цени и да склучуваат договори.
Заедно сите земјоделски здруженија подготвуваат иницијатива која ќе ја испратат до министерството за земјоделство и владата во која предлагаат антикризни ковид мерки за земјоделците меѓу кои се и поддршка од 5 денари за килограм или субвенција по површина за оризо производителите, намалување на давачките за здравствено и пензиско за земјоделците, намалување или ослободување од киријата за државното земјиште за оваа година заради корона кризата, репрограмирање на заостанати обврски и камати. Само на овој начин според нив ќе се помогнат земјоделците да опстанат и да продолжат да произведуваат храна за да не ја увезуваме.