СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Политика

ЕК ќе го објави извештајот, Македонија е умерено подготвена, потребен е зајакнат надзор на тајните служби

Ова е прв извештај на ЕК за земјава откако на 19 јули се одржа првата меѓувладина конференција со ЕУ во Брисел, со што официјално беа отворени преговорите за членство.

Во нацрт-извештајот на Европската комисија што треба да се објави денеска, а во кој Радио слободна Европа имаше увид, оценето е дека Македонија е умерено подготвена по речиси сите критериуми. Единствено во економските критериуми е наведен добар напредок, а во усогласеноста на земјава со европската надворешна и безбедносна политика има многу добар прогрес.

Потребни се решителни напори за да се изгради динамика за реформи и придвижување во процесот на преговори со ЕУ. Потребен е особен фокус за да се обезбеди ефективна имплементација на постојното законодавство, наместо да се покренуваат ад хок иницијативи, стои меѓу другото во извештајот.

Се наведува дека се направени реформи во службите за безбедност, но треба да се зајакне капацитетот за парламентарен надзор врз работата на тајните служби, а забележано е дека доцни донесувањето на законите за административни службеници и законот за вработени во јавниот сектор.

„Државната комисија за спречување на корупцијата беше проактивна во справување со случаите на непотизам, кронизам и политичко влијание во процесот на вработување во јавниот сектор и при назначувањето членови на надзорните и управни одбори“, стои во извештајот.

Правниот систем постигнал одреден степен на подготвеност и е умерено подготвен, а земјата постигнала и одредено ниво на подготовка и е умерено подготвена за превенција и борба против корупцијата.

Во извештајот е наведено дека земјата е умерено подготвена во однос на слободата на изразување, а реформите во Македонската радиотелевизија се закочени поради одложувањето на именување членови во Програмскиот совет.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ минатата недела изјави дека од новиот извештај на ЕК не се очекуваат некои изненадувања. Истакна дека тие извештаи секогаш ги гледаме како објективна оценка на работите и генерално се очекува позитивен извештај на ЕК.

„Имаме силен аргумент и во делот на заедничката надворешна и безбедносна политика, бидејќи оваа година првпат имаме 100-процентно усогласување со сите пакети на санкции на ЕУ и со сите одлуки донесени во областа на заедничката надворешна и безбедносна политика“, рече Маричиќ на брифингот одржан заедно со поранешниот хрватски преговарач со ЕУ, Владимир Дробњак.

Во тек е објаснувачкиот скриниг, а на 7 ноември треба да почне и билатералниот скрининг со ЕУ. Маричиќ смета дека билатералниот скрининг ќе ни донесе и поинтензивна динамика и поголем ангажман, но исто така е договорена и динамика за изготвување на оние три клучни патокази, што се во Преговарачката рамка.

„Начелно е договорено до крајот на март ние да ги изработиме трите клучни инструменти за реформи, што се инструменти и за пристапување и од кои два се формален услов, а еден е неформален, меѓутоа важен елемент за отворање на кластерот Темели. Кога ќе го завршиме скринингот треба да ги имаме одобрено овие патокази од Советот, како услов за отворање на кластерот. Тоа се трите патокази – едниот е за владеење на правото, вториот е за реформи во јавната администрација, тие два се задолжителни, а третиот е за функционирање на демократските институции. Тој формално не е услов, меѓутоа е важен да го имаме. Наша цел е до крајот на првиот квартал наредната година да ги имаме сите патокази што ќе ги предадеме на ЕК, која потоа ќе ги проследи до Советот“, рече Маричиќ.

Тој оцени дека на крајот од скрининг процесот во ноември 2023, се очекува да ги имаме инструментите што се предуслов за почеток на преговорите – тоа се скрининг извештаите. Тоа значи дека сите барања, задачи што ќе ги утврдиме во текот на билатералниот скрининг ќе бидат ставени во еден скрининг извештај за целиот кластер.

На средбата меѓу премиерот Димитар Ковачевски и евроамбасадорот Дејвид Гир одржана на почетокот од минатата недела, беше оценето дека скрининг процесот со ЕУ се одвива добро. Како што соопштија од владината прес-служба, била изразена поддршка за следните чекори на патот на евроинтеграциите на Македонија, со цел непречен тек на преговарачкиот процес.

Отворањето на поглавјата во пристапниот процес ќе следи откако Бугарите ќе бидат внесени во Уставот на земјата што како услов го постави Софија за да дозволи старт на преговорите.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Messenger icon
Пишете нѝ на Фејсбук!
Skip to content