Домашни и странски експерти ќе работат на заштита на Трескавец и на црквата „Успение на Пресвета Богородица“

38

Манастирот Трескавец ќе добие интензивна заштита со програмата за наредната година и проект за конзервација на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ што подразбира ангажирање домашни и странски експерти, најавува научниот советник, археологот Бранко Ристески од прилепскиот Институт за старословенска култура.

Македонските научници пред три месеци на конференција за заштитата на културното наследство, преку примерот на светско признатото културно богатство – манастирскиот комплекс Трескавец, предупредија и алармираа дека комплексот итно треба да се заштити, особено Црквата која е во опасност од подземните води и временските неприлики.

-Завршниот сегмент на работилницата на крајот на мај, токму во манастирот Трескавец, беше оформување тело кое би ги актуализирало проблемите со кои се соочува Трескавец, а тоа значи севкупната заштита на културното наследство. МАНУ писмено се обрати до Владата, особено до Министерството за култура и до МПЦ. Стигна повратен одговор дека овие институции целосно ќе се стават во заштитата на културното наследство на комплексот Трескавец. Од Министерството за култура се добиени гаранции дека во програмата за наредната, 2023 година, едно од централните места ќе заземе заштитата на манастирот, особено црквата  „Успение на Пресвета Богородица“, што подразбира изработка на проект за конзервација со ангажирање на домашни и меѓународни експерти, како и заштитата на античкиот локалитет и заокружување на сознанијата за античката населба Колобаиса, објаснува Ристески.

Тој додаде дека Институтот подготви предлог проект за доистражување на материјалните остатоци од античката населба Колобаиса во функција на изработка на проект за конзервација на досега откриените остатоци, а кое вели, ќе има големо значење во заштитата на комплексот од пожари и непогоди. 

Сериозно се сфаќаат гаранциите на институциите, во спортивно, посочува Ристески, би било срам пред светот неповратно да се загуби ова бесценето културно наследство.

-Сакаме да веруваме дека најповиканите и најкомпетентните институции по три месеци од одржувањето на научната конференција соодветно реагираат. Во овој период најсоодветно што може да се направи е планирањето за наредната година, интензивирање на активностите. Оваа година се смета за подготвителна за севкупните и обемни зафати за 2023 година. Сите сме сведоци, дури и оние кои не се експерти, дека постои сериозна закана за уништување, особено на манастирската црква „Успение на Пресвета Богородица“, па и на другите културни содржини. Состојбата е несомнено алармантна, без поголеми анализи. Ова е можеби последен момент кога може нешто посериозно да се направи. Од тие причини сум уверен дека не се само празни зборови, бидејќи за година-две ќе имаме ситуација која ќе биде за срам на целата општествена заедница, бидејќи несомнено имаме обврска да го заштитиме ова културно наследство кое спаѓа во светската културна оставнина. Многу е реално и извесно да падне и да се урне црквата. Има услови за девастација, почнувајќи од подземните води, ерозијата на теренот од временските услови и непогоди. Сето е евидентно и за лаиците, а камоли за стручните лица, вели археологот Ристески, научен советник во Институтот за старословенска култура од Прилеп.

Како културен комплекс Трескавец е од 12 век, а архелошките остатоци упатуват на милениумски континуитет на културно-социолошко наследство од Пелагонискиот регион. 

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content