СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Економија

Ниту „н“ од намалени цени

Производителите и трговците се однесуваат како да не ги слушнале владините најави дека цените ќе се спуштат од 5 до 12 отсто и си ја тераат својата „приказна“, која секојдневно ги разочарува граѓаните.

Освен редовните акциски продажби, во дуќаните нема речиси никакви намалени цени на основните прехранбени производи. Напротив, некои цени се дури и зголемени, каков што е случајот со зеленчукот и овошјето, кое како што се приближуваат новогодишните празници, е драстично поскапено.

Производителите и трговците се однесуваат како да не ги слушнале владините најави дека цените ќе се спуштат од 5 до 12 отсто и си ја тераат својата „приказна“, која секојдневно ги разочарува граѓаните. Единствениот производ што е намален за дополнителни 4 денари од 1 декември е маслото за јадење, но затоа свинската маст стигна и до 200 денари за килограм!

„Слободен печат“ направи обиколка и своевиден попис на она што најмногу се троши и освен четирите денари, за колку што е поевтино маслото за јадење, не забележавме никакви други надолни промени. Владата обезбеди 80 евра за мегават-час за прехранбената индустрија, па дури и пресмета дека цените на основните прехранбени продукти ќе паднеле за повеќе од десетина проценти. Сè поверојатно е дека и првите месеци од наредната година ќе ги дочекаме со актуелните цени, како што, впрочем, прогнозираа бизнисмените.

– Што е ова? За една недела краставиците и доматите двојно поскапеа и стигнаа до 120 денари. Минатата недела купив свежи печурки по 170 денари, сега се 200. Маслинките се посебна приказна, нема поевтини од 260, а по маркетите одат и до 400 денари за килограм. Пакување од 10 јајца не е „мрднато“ од 109 денари, а некаде се дури и поскапи. Килограм брашно се продава и до 50 денари, а шеќерот не е мрднат од 56 денари. Барем лебот да мрднеше од 50 денари за килограм. Дали трговците намерно не ги слушаат препораките на Владата или како и секогаш се трудат да ќарат максимум пред празниците? прашува една сограѓанка.

Ниту месарите не ги есапат владините пресметки. Килограм свинско месо стои на цената од пред два месеца од 350 до 409 денари, јунешкото веќе надмина 800 денари за килограм, а има и скромна понуда на свежо прасечко месо по цена од 369 денари за килограм, но месарите не се сигурни дали таа цена ќе се задржи и до пред празниците. И пилешкото месо веќе одамна не спаѓа во групата на поевтина храна со цените од 200 до 500 денари, а посебен куриозитет се џимиринките, кои достигнаа и до 850 денари за килограм? За поевтини сувомесни производи, месарите веќе најавија дека се надеваат на владина одлука за бесцарински увоз на месо за преработка.

– Во моментот 35 отсто од цената на производот отпаѓа на давачки по разни основи кон буџетот. За да може да се намали цената на производите, за 10-15 отсто потребно е да се донесе антикризна мерка: ослободување на царината за увоз на смрзнато свинско месо за преработка. Мерката беше на сила 4 години, но заврши во јуни годинава, и на тој начин доведе до зголемување на цената на месните преработки, што ги направи компаниите неконкурентни на домашниот пазар, затоа што готовите производи од увоз немаат никакви царини, а домашните фирми плаќаат од 19 до 35 отсто на увезената суровина – изјави неодамна Гоце Трајчев, претседател на Групацијата за преработка на месо при СКСМ.

Најголемиот дел од пекарите си ги задржаа цените како на лебот, така и на печивата, а дел од нив уште не се префрлени на ЕСМ Снабдување за да добијат субвенционирана електрична енергија.

Државниот пазарен инспекторат почна со контроли на терен и според нивните забелешки, од последната набавка или до 1 декември, може да се констатира дека има благ тренд на намалување на основните прехранбени производи во Штип, Куманово и во Битола, каде што лебот е поевтин за 3 до 5 денари по векна.

– Во Скопје има сосем мало забележано намалување на млеко за 2 денари, а пуштен е нов вид леб по 32 денари, додека не е забележано намалување на цените на големите производители на леб – брифираа викендов од ДПИ.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content