Во Прилеп се одржа cимyлациja на вакцинациja

73

Симулацијата, на која присуствуваа градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски и директорката на прилепската болница, Кети Смилеска, се изврши со цел обезбедување финалната подготовка на стручните медицински тимови и помошните служби во спроведувањето на протоколот за вакцинација.

Официјалниот старт на масовната имунизација во регионалниот вакцинален пункт во Прилеп ќе биде во вторник, 25 мај, ќе се одвива секој ден освен недела, од 08.00 до 20.00 часот.

 

Во својата изјава за медиумите, градоначалникот Јованоски истакна дека после сите премрежја и човечки трагедии кои ги предизвика оваа непредвидлива болест, како и после сите светски позитивни искуства од масовната имунизација, граѓаните не треба да имаат никакви дилеми околу тоа дали треба или не треба да се вакцинираат.

„Вакцинираните граѓани, имаат помала можност да се инфицираат со Ковид-19. Но, доколку се заразат, клиничката слика е полесна и секогаш имаме полесно и побрзо оздравување. Значи, вакцините спасуваат животи. Имајќи го предвид сето тоа, со задоволство можам да истакнам дека регионалниот вакцинален пункт во спортската сала при СОУ „Ѓорче Петров“, е целосно подготвен за масовната имунизација на населението против Ковид-19. Нашите очекувања се дека на дневно ниво ќе се вакцинираат околу 1.000 граѓани. Вакцинирањето ќе се одвива според строго дефиниран протокол и редослед на движење, односно прием и евиденција на граѓаните, па потоа индивидуален преглед и вакцинација, па издавање на потврда со термин за ревакцинација. За организацијата на процесот и одржувањето на редот пред и по вакцинирањето, покрај полицијата и Армијата, ќе бидат ангажирани и волонтери од Спасителната служба „Златоврв“, изјави Јованоски.

Потенцирајќи дека не постојат добри или лоши вакцини, дека секоја вакцина е безбедна и спасува живот, првиот човек на општината апелираше граѓаните да се вакцинираат, а младите да им помогнат на нивните повозрасни родители, баби и дедовци при апликацијата за регистрација за вакцинирање.

Директорката на болницата, Кети Смилеска рече дека со стартот на масовната имунизација во регионалниот вакцинален пункт во Прилеп, преминуваме во офанзива во борбата со вирусот Ковид-19.

„Кадарот кој ќе работи во вакциналниот пункт, е составен од доктори и медицински сестри од болницата, а ќе бидат ангажирани и студентите од Медицинскиот факултет во Штип. Во спортската сала, ќе има 15 вакцинални места, каде дневно ќе се вакцинираат по 1.000 граѓани. Пунктот е подготвен од секој аспект, а очекувам интересот кај граѓаните да биде голем“, изјави Смилеска.

Во врска со досегашната вакцинација во градот, директорката на Општата болница со проширена дејност, истакна дека во пунктот во Здравствениот дом вакцинирани се 2.000 граѓани, кои ги примиле двете дози од вакцините на „Астра Зенека“, „Фајзер“ и „Синофарм“.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content