Во Неготино набљудување на метеорски дожд со телескопи

25

Групно набљудување на метеорски дожд ќе се реализира вечер во Неготино, со помош на телескопи обезбедени од Здружението за заштита на животната средина, „Ековита”.

Претседателот на здружението, Сашко Тодоров во изјава за МИА вели дека станува збор за активност во рамки на „Неготинското културно лето”, што се реализира со финансиска поддршка од Општината.

Несекојдневниот настан на набљудување на метеорски дожд организиран од младите неготинци Милица Пауновска и Виктор Најдов, ќе се одвива на Спомен костурницата во градот. Организаторите најавуваат исклучителна можност преку телескопите да се набљудуваат Сатурн, Јупитер и Месечината во половина сјај.

– Персеидскиот метеорски дожд е годишен метеорски дожд кој има најголема активност во август. Овој метеорски дожд се нарекува „Персеиди“, бидејќи буквално излегува од насока на северозапад, од регионот каде обично се наоѓа соѕвездието Персеј. Персеидите најлесно се забележуваат во ноќите околу 11,12 до 13 август, со пик на активноста наредниот ден, во раните утрински часови. Овој метеорски дожд е популарен поради својата интензивна активност, каде може да се видат и до 60 метеори на час во идеални услови. Метеорскиот дожд се случува како резултат на влегувањето на Земјата во патеката на честичките кои ги остава зад себе кометата Свифт-Татл. Кога овие честички (метеори) влегуваат во земјината атмосфера, се судруваат со воздухот и се загреваат предизвикувајќи светкање на небесниот свод што го забележуваме како ,,паѓање на ѕвезди” или метеори, се појаснува во онлајн најавата за настанот.

Притоа се нагласува дека пикот за набљудување на метеорскиот дожд се случува околу полноќ до зори, а дотогаш со помош на телескопите овозможени од „Ековита”, може да се набљудуваат дел од соѕвездијата, заедно со Сатурн, Јупитер и Месечината.

– За целосно задоволство при гледањето, осветлувањето на споменикот ќе биде исклучено. Заради безбедност во движењето да се внимава при пристапот, да се користат мобилни светилки, а телескопите ќе бидат поставени околу споменикот, најавија организаторите на ова телескопско набљудување.

Настанот ќе биде збогатени со музичка забава, најавуваат од Здружението за заштита на животната средина „Ековита”, кое изминатиов период организираше неколку настани за телескопско истражување.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content