СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Економија

Банките прават пресметки – ќе растат каматите и на новите и на старите кредити

Ќе растат каматите на кредитите на граѓаните и бизнисот. Не само  на новите задолжувања, туку корекција ќе има и кај кредитите  што веќе се земени. Банките прават пресметки.

Одлуката за колку ќе пораснат каматите и од кога, ќе биде индивидуална од банка до банка. Сигналот дека парите мора да поскапат за да забави инфлацијата- вчера го прати Народната банка.

Ја зголеми каматната стапка на благајничките записи за 0,25 процентни поени, и  од сегашните 1,25 сега таа ќе изнесува 1,5 проценти.

Оваа камата е показател во кој правец треба да одат и банкарските камати.

Ова е прво поместување по нагорна линија после подолг период.

Банките велат ги следат сигналите на централната банка и ќе направат прилагодување на каматите.

„СО ОГЛЕД НА ПОСЛЕДОВАТЕЛНИТЕ ИЗМЕНИ НА ОДЛУКАТА ЗА ЗАДОЛЖИТЕЛНА РЕЗЕРВА, КАКО И ПРОМЕНАТА НА ОСНОВНАТА КАМАТНА СТАПКА, НАШИТЕ ЧЛЕНКИ СЕУШТЕ ГИ РАЗГЛЕДУВААТ ОПЦИИТЕ ЗА КОРЕКЦИЈА НА КАМАТНИТЕ СТАПКИ. СООДВЕТНО НА ТОА МОЖЕ ДА СЕ ОЧЕКУВА ДЕКА ЌЕ НАПРАВАТ ПРИЛАГОДУВАЊА НА КАМАТНИТЕ СТАПКИ  ВО СОГЛАСНОСТ СО СВОИТЕ ДЕЛОВНИ ПОЛИТИКИ“- ВЕЛАТ ОД МАКЕДОНСКАТА БАНКАРСКА АСОЦИЈАЦИЈА.

Од Македонската банкарска асоцијација ги упатуваат граѓаните внимателно да ги читаат договорите кои ги имаат со банките.

Праксата до сега покажала дека корекции ќе нема само кај кредитите кои се со фиксна каматна стапка.

„УПАТУВАМЕ НА ВНИМАТЕЛНО ЧИТАЊЕ НА ДОГОВОРИТЕ КОИ КОРИСНИЦИТА НА БАНКАРСКИ УСЛУГИ ГИ ИМААТ СО БАНКИТЕ, БЕЗ ОГЛЕД ДАЛИ СТАНУВА ЗБОР ЗА КРЕДИТИ ИЛИ ДЕПОЗИТИ И УТВРДУВАЊЕ НА ТОА ДАЛИ СТАНУВА ЗБОР ЗА ПРИМЕНА НА ФИКСНИ И ПРОМЕНЛИВИ КАМАТНИ СТАПКИ. ВООБИЧАЕНА ПРАКТИКА Е ПРОМЕНАТА НА КАМАТНИТЕ СТАПКИ ДА НЕ СЕ ОДНЕСУВА НА ФИКСНИТЕ КАМАТНИ СТАПКИ  СЕ ДО ПЕРИОДОТ НА ВАЖНОСТ НА ДОГОВОРОТ ЗА КРЕДИТ И ДО РОКОТ НА ДОСТАСУВАЊЕ НА ДЕПОЗИТОТ“ – ВЕЛАТ ОД МБА.

Реакцијата на Народната банка  доаѓа како одговор на очекувањата дека инфлацијата во земјава уште ќе расте. Гувернерката Бежоска вели внимателно се следи состојбата, и доколку е потребно пак ќе реагираат за да се сочува макроекономската стабилност во земјава.

Зголемувањето на каматната стапка на благајничките записи, ќе значи дека банките ќе бидат повеќе стимулирани да запишуваат благајнички записи, како поисплатлив и посигурен пласман, отколку да даваат кредити.

Експертите се децидни- мора да поскапуваат парите за да се смирува инфлацијата. Реакцијата на Народната банка за нив е очекува, но велат тоа е блага мерка, нема да биде доволна ќе треба да има и други мерки.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content