СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Економија

Финални пресметки за поскапувањето на струјата

Енергетските компании од земјава засега не откриваат колкаво поскапување на струјата ќе побараат од Регулаторната комисија за енергетика.

Велат дека ги прават последните пресметки на трошоците за нивното работење. Кога ќе ги завршат ќе ги испратат на одобрување од регулаторот. Од ЕВН ни посочија дека ги очекуваат останатите енергетски компании да ги објават трошоците за да знаат во која насока би се движела цената за домаќинствата.

„Прелиминарни пресметки за цената на електричната енергија во наредниот период не можат да се направат без да се знаат влезните параметри; цената по која ќе се набави електрична енергија од АД ЕСМ, цената на Преносниот систем МЕПСО, на Операторот на пазарот на електрична енергија МЕМО, цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција, односно дали сите тие цени ќе претрпат измени“, наведуваат од ЕВН.

Откако МЕПСО ја доби сметката од Европската енергетска мрежа за ненајавеното влечење на струја од преносниот систем која изнесува 18,5 милиони евра, и трошоците за набавката на струја од над 10 милиони евра, дополнително се продлабочи минусот во енергетскиот сектор во земјава. Од оваа државна компанија денеска не одговорија на повиците на Алсат, но имаат првични пресметки дека работат со зголемени трошоци кои ќе сакаат да ги подмират преку зголемување на цената на струјата за граѓаните.

Информациите пак, од Државните електрани ЕСМ се дека со сигурност од владата ќе побараат да се зголеми цената на струјата која ја продаваат на универзалниот снабдувач која сега изнесува 36 евра за мегават час. ЕСМ е на мака да направи пресмета бидејќи нема доволно јаглен за производство а втората опција е да купи скапа струја од берзите. Она што засега се знае е дека последната недела од годинава Регулаторната комисија за енергетика ќе ја соопшти крајната цена која ќе важи во првите шест месеци од 2022 година.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content