Велигденска честитка од црковниот храм Св. Петка

296

Почитувани,

верници, ктитори, помагачи и украсувачи, односно сите оние кои на било каков начин дале несебичен придонес во полза на храмот и неговото благолепие, драги наши верни прилепчани, со Вашите семејства, храмот „Св. Преп. Мчца. Петка Римјанка“, претставуван од в.д. старешината протоереј Љупче Петрески заедно со црковното настојателство и вработените, од срце ви го честитаат Празникот над празниците и ви посакуваат овој најголем ден – Велигден да го поминете во мир и духовна благосостојба, а неговата радост да ја споделите со своите ближни и сите луѓе исполнети со добра волја, радост и вера во подобро утре!

Возљубени, можеби единственото искуство подлабоко од откривањето на празен гроб на некој близок е средбата со истата личност која воскреснала од мртвите. Денес го славиме она што беше надвор од човечката имагинација, имено, воскресението од мртвите. Воскресението на Исус Христос ја означува Неговата победа над гревот и смртта. Преку Неговите страдања, крсна смрт и воскресението, во единство со Отецот и Светиот Дух, Исус Христос се покажа како Спасител на светот и Искупител на човештвото.

Секој од нас, некој помалку, некој повеќе, живеел под сенката на страдањата, доживувајќи осаменост, неправда, очај, тага, болка, загуба … Мнозина носат рани од тага, вина, страв, горчина, неизвесност, но сепак, соединувајќи ги нашите рани со Воскреснатиот, ни е достапна преобразувачката благодат на исцелувањето, простувањето и помирувањето. Без оглед на нашите маки во животот, имаме причина да се радуваме и надеваме на Него.

Возљубени прилепчани,
огинот на воскресенската радост нека гори во вашите срца и нека ја разбуди надежта дека Божјата љубов пронаоѓа решение за сите човечки потешкотии и излез од секаква криза.

Сакам да искажам особена благодарност до браќата свештеници, чтеците, певците, членовите на црковниот хор, донаторите, украсителите и сите верни чеда кои на било каков начин го помагаат храмот а особена благодарност до вработените и членовите на одборот при нашиот храм „Св. Петка“, кои несебично се вложуваат себе си, не само при организацијата за достоинственото и торжествено дочекување на Велигденските празници, ами и во целокупниот „живот“ на нашиот храм!

Со посредството на благословот од нашиот епархиски архиереј Неговото Високопреосвештенство митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски, и водени од љубовта према Христа и Неговата Црква убеден сум дека и во иднина успешно ќе одговориме на сите предизвици кои ќе се исправат пред нас! Ви благодарам од срце! Да сте ми здрави, живи и од Бога благословени!
Христовата воскресенска светлина да Ви исплете благослов и дар од љубов, мир и добро здравје. Во Вашите домови да влезе Христос Господ и да ги благослови Вашите семејства. Христовата светлина да Ве осени и огинот на Воскресенската радост нека гори во Вашите срца!

Христос Воскресна!

Навистина воскресна!

Честит и благословен Велигден!

Со почит
в. д. старешина протоереј Љупче Петрески со црковното настојателство и вработените при храм „Св. Петка“ на Велигден 2024-то лето Господово

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content