Вардар денеска ќе го игра првиот официјален меч во 2021 година
Дуелот ќе започне денеска од 17.45 часот пред празни трибини поради ситуацијата со ковид-19.
Вардар 1961 кој иако во изминатиот период тренираше некомплетен поради настапот на македонската репрезентација на Светското првенство во Египет, се очекува тренерот Стевче Алушовски во составот да ги има Стоилов, Мишевски, Талески и Димитриоски, а недостасуваат само Хрватот Чупиќ и полскиот интернационалец Валчак.
Вардарци ја имаат фаворитската улога, тоа треба само да се докаже на теренот, а новото засилување Васко Шеваљевиќ своето деби се очекува да го има во некој од наредните дуели.
За македонскиот претставник ова е само загревање и еден вид увертира за тешкиот распоред кој ги очекува во наредниот период. Во февруари се закажани седум натпревари во Лигата на шампионите, од кои пет на гостински терен, како и два дуели во СЕХА, од кои еден ќе се одигра на првиот ден од наредниот месец.