Локално

Петта изложба на уметнички фотографии на Фото кино клубот „Прилеп“

Во галеријата на Центарот за култура „Марко Цепенков“, Фото кино клубот „Прилеп“ ја одржа традиционалната, 5-та по ред изложба на уметнички фотографии „Јордан Зазоски-Зазо“.

Претседателот на Фото кино клубот „Прилеп“, Сашко Попоски, вели дека изложбата претставува заокружување на работата за минатата 2017 година, која ќе остане забележана како една од поуспешните од формирањето на клубот, пред сѐ заради бројните настапи и освоени награди на домашни и меѓународни конкурси за уметничка фотографија.

„Ова е нашата петта традиционална клупска изложба, на која што младите автори од нашиот клуб се претставуваат со свои фотографии. Клубот во последните години направи вистинска експанзија, имаме многу млади членови кои во изминатиот период покажаа значајни резултати. На сите нив ќе им доделиме сертификати за завршен курс по фотографија, како и дипломи за категорија која ја имаат освоено на основа на освоени бодови во уметничката фотографија“, изјави Попоски.

„Во уметничката фотографија, времето и тоа што сакаме да го сликаме ние самите го избираме и секој автор може различно да слика еден предмет. Можеме да појдеме да сликаме некоја планина, навечер или дење, но секој автор си има свој начин на сликање. Јас си направив свој стил на фотографија преку која искажувам приказна која може да претставува природа или луѓе, но во центарот на фотографијата мора да биде она што сака да го каже авторот“, вели Горан Попоски, кој на изложбата учествува со фотографија од мечкарите.

„Гледајќи како бројот на автори од изложба на изложба секоја година се зголемува, може да се каже дека Прилеп има голем потенцијал за добри автори. Ова е трета клупска изложба на која учествувам, а сум учествувал и на неколку домашни и меѓународни изложби“, вели младиот фотограф Христијан Николоски.

„Во уметничката фотографија најмногу сакам да сликам портрети, тоа е она што најмногу ме инспирира да сликам. Инаку сум 2 години член на клубот и ова е втора изложба на која учествувам“, истакнува Игор Стојкоски, уште еден од плејадата млади членови на Фото кино клубот „Прилеп“.

На изложбата беа прикажани 60 фотографии од 45 автори, дела кои покажуваат во кој правец одат заложбите на клубот на полето на уметничката фотографија во градот и колкав е напредокот во однос на минатата година.

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *