СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Култура

„ВИЛИНА ВО ПРОСТОР“ самостојната изложба на Маја Танева

Ослободувајќи ја скулптурата од вообичаената изолираност, затвореност и монолитност, академскиот скулптор Маја Танева на автентичен и досетлив начин создава неконвенционални пајажинести скулптури и тродимензионални разгранети ѕидни инсталации со употреба на челични индустриски јажиња (сајли). Во нејзиниот интимен визуелен и ликовен јазик вилината постанува метафора на заемното дејствување меѓу човекот и природата, симболизирајќи ја способноста за адаптација и постојаната метаморфоза, клучни во процесот на севкупната еволуција во природата и преживувањето на човештвото. z

Во линеарен ритам на волуминозните асиметрични конструкции, Танева скулпторски раскажува слободна лирична наративност со дијагонално извиени и динамични асоцијативни апстракции. Впечатливиот треперлив контраст во текстурата на формата е постигнат со таинствен ткаеж на јажињата внимателно создадени во преплети со различна густина – на одредени места таа е збиена, додека на други густината на преплетот е разредена. Моделираните мрежести асоцијативни облици излегуваат надвор од рамките на дрвените рабови на ѕидните инсталации и формираат илузија на динамичност. Апстрахираните облици коишто асоцираат на вилински претстави доминираат во севкупниот наратив на преплетените интервенции. Заробени во магична мигновеност, загадочните растреперени вилински структури егзистираат во имагинарен артифициелен свет пленејќи со својата лиричност, чудесност и моќност.

Автор на текст: Викторија Димеска, дипл. историчар на уметноста

Биографија за уметницата

Маја Танева е линеарен уметник, скулптор – создава скулптури, инсталации и слики со фокус и манипулација на линијата како единка и група. Скулптурите и инсталациите ги создава со индустриски челични јажиња – сајли, кои во тешката индустрија се наменети како опрема за подигнување. Танева е родена на 04 декември 1984 во Скопје. Дипломира и магистрира на ликовната академија, отсек скулптура во Софија, BG во класата на проф. Емил Мирчев. Живее и твори во Скопје. Уникатниот печат во творештвото на Танева е составен преку комплексноста на апстрактните форми, манипулацијата на линијата и единствениот пристап на избраниот материјал на моделирање. Танева е член на ДЛУМ од 2010 год. и член на ДЛУБ од 2023 год. Делата на Танева се наоѓаат во приватни колекции, интернационални и локални љубители на тридимензионалната форма. Учесник е во многубројни групни изложби.

Изложбата „Вилина во простор“ е 12 самостојна изложба на Танева.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content