СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Локално

Операциските сали во болницата во Прилеп остануваат затворени – пријавена интрахоспитална инфекција

Седми ден се затворени операциските сали во гинеколошкото, хируршкото и ортопедското одделение во прилепската болница. Минатата недела 52-годишна пациентка по интервенција на гинеколошкото одделение и по компликации, по еден ден е препратена на скопските клиники каде починала. Од четвртокот се затворени салите, а во петокот Државниот санитарен и здравствен инспекторат направил вонреден инспекциски надзор по информации од прилепскиот Центар за јавно здравје.

Од Министерството за здравство, кое ги добило информациите од Државниот здравствен и санитарен инспекторат, а и од Комисијата за интрахоспитални инфекции при болницата потврдија дека во примерок на хемокултура од починатата пациентка е пронајдена бактеријата стафилоколус епидермидис. Пријавена е интрахоспитална инфекција.

– Од земениот примерок за хемокултура во ЈЗУ Центар за јавно здравје-Прилеп е добиен позитивен изолат на Staphylococcus epidermidis. Пријавена е интрахоспитална инфекција. Во ЈЗУ ОБ со проширена дејност „Борка Талески“-Прилеп се затворени операциските сали од 16 февруари. Државниот санитарен и здравствен инспекторат изврши вонреден инспекциски надзор на ден 17.2.2023 по добиена информација од ЦЈЗ-Прилеп. Причините за смртта сè уште не се познати. Се чека извештај од патоанатомскиот наод. Телото е предадено за обдукција на Институт за патологија. Од одделението за епидемиологија на Центар за јавно здравје Прилеп извршен е епидемиолошки увид по појава на случај на пациентка кај која е извршена интервенција на одделот за гинекологија после кој се јавиле симптоми на сепса. Земени се примероци од нежива средина, испироци од раце на вработен здравствен персонал, извршени се вонредни здравствено-хигиенски прегледи, по што е препорачано затворање на операциските сали до добивање на резултатите од земените примероци. Итните хируршки интервенции се вршат во блиските регионални болници, стои во информацијата од Министерството за здравство, кое ги добило информациите од Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

Се огласи и Комисијата за интрахоспитални инфекции при прилепската болница.

– Кај пациентката по протокол се земени три последователни хемокултури од кои во првата хемокултура е најдено присуство на Staphylococcus epidermidis, а останатите две се негативни. По протокол уште пред добивањето на наодот од Микробиологија емпириски е отпочната комбинирана антимикробна терапија која беше соодветна на добиениот антибиограм од првата хемокултура. Наодот им беше соопштен на Клиниките на терцијарно ниво каде пациентката беше трансферирана и на кои беше ординирана и проширена соодветна антимикробна и останата терапија. Се чека обдукцискиот наод од Институтот за патологија, соопшти Комисијата.

Операциските сали во болницата во Прилеп остануваат затворени додека Комисијата за интрахоспитални инфекции не ги заврши сите испитувања. Од прилепскиот Центар за Јавно здравје очекуваат до петок да бидат готови резултатите од бројните примероци земени од салите и од персоналот. Засега само се знае дека бактеријата е пронајдена во примерокот за хемокултура од пациентката која почина на скопските клиники, а за причините за нејзината смрт ќе се чека обдукцискиот наод.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content