СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Здравје

Не се достапни за сите пацинети новите лекови за цистична фиброза

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за детски болести за 2022 година.

Со извршената ревизија констатирани се состојби и неусогласености од различна природа, кои влијаат на изразување на мислење со резерва во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2022 година.

Со извршената ревизија утврдено е дека Клиниката за детски болести воедно е и центар за лечење на пациенти кои боледуваат од цистична фиброза, а дел од нив  се лекуваат со лекови кои не се на позитивната листа на лекови за кои се обезбедува условен надоместок од Фондот или пак се набавуваат преку програмата за лечење на ретки болести  од Министерство за здравство.

Имено, подобрувањето на третманот и начинот на лекување на пациентите започнува од 2008 година кога во позитивната листа на лекови се воведени три инхалациони лекови, кои до пациентите се доставуваат преку инсулинските аптеки, но во периодот кој следува на пазарот се достапни нови генерации на лекови за третман на цистична фиброза кои до денот на ревизијата не се воведени во позитивната листа на лекови.

Клиниката за детски болести за набавка на дел од лековите која се врши и преку Програмата за лекување на ретки болести во рамки на министерството, за 2022 година и 2023 година обезбедила средства во вкупен износ од 180.350 илјади денари, односно околу 2.9 милиони евра. Обезбедениот износ е доволен за набавка на терапија само за 15 пациенти, додека согласно приложената документација, регистрирани се помеѓу 130 и 140 пациенти кои боледуваат од цистична фиброза.

Ненавлегувајќи во медицинската исправност на одлуките на докторите и не оспорувајќи ја потребата од вклучување на пациентите на соодветна терапија, состојбата со ограничен буџет и ограничен број на пациенти на кои им се дава терапијата, доведува до постоење на ризик од субјективизам при изборот на пациенти кои ќе бидат вклучени на терапија.  Поради тоа,  со ревизијата е нагласено дека е потребно Клиниката во соработка со Фондот и Министерството да преземат активности за обезбедување на средства за терапија за сите пациенти за кои постојат докази дека ги исполнуваат медицинските критериуми, потврдено од лекарски конзилиум и стручен колегиум.

Како дел од здравствените услуги кои ги нуди Клиниката е и обезбедување хормон за раст, за што во текот на 2022 година реализирани се расходи во износ од 67 милиони денари. Со извршен увид во техничките спецификации утврдено е дека предметот на набавката е поделен во пет делови за набавка на хормон за раст со исто генеричко име и ист АТЦ код, односно во секој дел се набавува истиот лек, а разликата меѓу деловите се однесува само на количината на активна супстанца – лек во количина на раствор, односно различна фармацевтска дозажна форма на лекот во која се врши комерцијалната продажба.

За секој дел поднесена е една понуда, која е избрана за најповолна, поради што набавен е хормон за раст со исто генеричко име, но од 4 различни производители/ трговски марки чии единечни вредности се разликуваат, од кои едни се поскапи бидејќи се оригинатори, а поевтините лекови се био-слични, чија цена во однос на оригинаторите е пониска за  58%.

Согласно даденото образложение од страна на одговорните лица на Клиниката и  медицинскиот персонал дека хормонската терапија има ист медицински ефект без разлика на производителот на хормон кој се аплицира, и не е медицински препорачливо да се менува производителот на лекот во текот на лекувањето, ревизијата е на мислење дека е потребно Клиниката во соработка со Министерството да го евалуира начинот на кој се приклучуваат пациентите на терапија и на кој се изготвуваат техничките спецификации, со цел да се обезбеди постигнување на пониски цени во постапката за јавна набавка.

Со извршената ревизија исто така е утврдена и несоодветна примена и недоследно почитување на Законот за јавните набавки во дел од постапките што влијае на конкуренцијата и економично, ефикасно и ефективно користење на јавните средства.

За надминување на утврдените состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content