СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Македонија

Тече рокот за собирање потписи за кандидати за претседател

Тече рокот за собирање потписи на кандидатите за претседател на претстојните избори, а истовремено тече и рокот за пријавување за гласање на дијаспората. Согласно роковникот на Државната изборна комисија, рокот за собирање потписи трае до 8 март, додека пријавувањето на дијаспората за гласање е до 18 март.

Според досега најавеното, на седмите избори за претседател на државата закажани за 24 април, во трка се вкупно 13 имиња за кандидати.

Раководството на СДСМ му даде поддршка на актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски за втор претседателски мандат, но одлуката треба да помине низ внатрепартиските тела и органи, а ВМРО-ДПМНЕ ја предлага професорката Гордана Силјановска Давкова, која беше противкандидат на Пендаровски во вториот круг на минатите избори. Сепак, и двајцата ќе треба да бидат потврдени на партиските конвенции закажани за почетокот на март.

До Државната изборна комисија досега како кандидати за претседател се пријавени Бујар Османи од ДУИ, Максим Димитриевски од Движењето ЗНАМ-За Наша Македонија, Стевчо Јакимовски, лидер на ГРОМ, професорката Билјана Ванковска како кандидат на Левица, Арбен Таравари од албанската опозициска коалиција ВРЕДИ, Мерсиха Смаиловиќ која е поддржана од Бошњачкиот демократски сојуз (БДС) и Вело Марковски, кој својата независна кандидатура за претседател ја најави во октомври, лани, иако е член на ВМРО-ДПМНЕ. Досега уште четворица други дале изјава со иницијатива за собирање на граѓански потписи до ДИК – Томе Николовски, Господин Поповски, Ѓорѓи Манасков и Зорица Цветковска.

Досега, како што рече вчера претседателот на ДИК Александар Даштевски во „Топ тема“, до ДИК не се доставени никакви забелешки за несоодветни услови од кандидатите кои собираат потписи, а доколку некој нешто такво пријави, веднаш ќе се излезе во пресрет. Нема пријави, според него, ниту за предвремено почнување на кампањата, но, сепак апелира политичките партии да ги почитуваат постапките и да се однесуваат во рамки на законот.

– За овој процес се подготвуваме многу и ги преземавме сите мерки. Имаме донесено Правилник за регулирање на постапката за собирање потписи којшто може да се најде на веб страницата и да се прочита. Имаме дадено и наредба на вработените, ако не може немоќно лице да се качи, вработениот да се симне – рече Даштевски во врска со денешните поплаки на некои од партиите околу условите за собирање на потписите.

Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари. Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, додека кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.

Постапката за собирање потписи, која почна вчера ќе трае непрекинато секој ден. Подрачните одделенија ќе работат две смени, од 8 до 20 часот, а последниот ден на 8 март ќе работат до 24 часот.

Иницијативата за собирање потписи за поддршка на поднесена листа на кандидат за претседател и пратеници се поведува со поднесување на известување и изјава до ДИК од страна на предложениот кандидат, односно лицето овластено од негова страна со генерално известување заверено на нотар.

Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ. Рокот за собирање потписи се однесува и за претседателските и за парламентарните избори. Претседателските избори се закажани за 24 април, а вториот круг е на 8 мај кога треба да се одржат и парламентарните избори.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content