Култура

Отворена седмата изложба на Фото кино клубот „Прилеп“

Во фоајето на ЦК „Марко Цепенков“, синоќа беше отворена седмата изложба на уметнички фотографии на Фото кино клубот „Прилеп“, која се одржува во чест на фотографот Јордан Зазоски – Зазо.

На отворањето на изложбата, кое се одржа според протоколите за заштита од Ковид-19, на присутните им се обрати градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, кој рече дека за Фото кино клубот, но и за градот е особено важно што им се дава шанса на младите луѓе да ја покажат својата креативност.

„Во пресрет на големиот празник, Денот на Републиката 2.Август, се собравме овде, пред фоајето на Центарот за култура „Марко Цепенков“, за еден убав повод. Тука сме да ја отвориме седмата по ред изложба на уметнички фотографии на  Фото кино клубот ‘Прилеп’, настан кој што полека прераснува во традиција. На денешната изложба, љубителите на фотографијата ќе имаат можност да видат 62 фотографии, изработени од страна на исто толку автори. Она што е особено важно, како за Фото кино клубот, така и за нашиот град, е што преку оваа изложба им се дава шанса на младите луѓе да ја покажат својата креативност. Годинешната изложба добива на уште поголемо значење затоа што Фото кино клубот „Прилеп“ одбележува 40 години од постоењето и во тој период прерасна во еден од најдобрите клубови во нашата држава. Она што како градоначалник можам да го кажам, е дека исто како досега, Општина Прилеп и во иднина ќе го помага работењето на Фото кино клубот, со цел што поголема афирмација на младите фотографи, на клубот, но и на градот“, истакна во своето обраќање градоначалникот Јованоски.

На отворањето зборуваше и претседателот на Фото кино клубот „Прилеп“, Сашко Попоски.

„Кога пред 7 години одлучивме да ја правиме оваа изложба, верував дека ќе прерасне во традиционална. Тогаш имавме едвај 7-8 автори со педесетина фотографии.

Годинава за изложбата се пријавија 70 автори со по 5-6 фотографии, а се одлучивме на избор од 62 фотографии од исто толку автори, од кои најголемиот дел се млади. Клубот има подмладок, а многу наши членови своето високо образование го продолжија на факултетите за аудиовизуелни уметности, на камера, сценарио, фотографија“, потенцираше Попоски.

Согласно Статутот  на Фото сојузот, на поголем број членови на Фото кино клубот „Прилеп“ кои учествувале на други изложби, им беа доделени титули за трета и втора категорија.

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skip to content