СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Политика

Функционерите се прават наудрени кога ќе им се спомне покачувањето на платите

Експерти, поранешни пратеници и претставници од бизнисот сметаат дека владата треба добро да се пресмета пред да одлучи што всушност ќе менува во законот дали тоа ќе биде основицата на платата или коефициентот, или и двете.

Владата и пратениците и по една недела од донесувањето на одлуката на Уставниот суд за платите на функционерите, размислуваат како да ги земат повисоките плати, а да не го подгреат дополнително револтот кај граѓаните и кај вработените во јавниот сектор кои бараат повисоки плати и усогласување со минималната плата. Официјално, покрај единственото соопштение од владата по одлуката на Уставниот суд, во кое соопшти дека размислува како да не бидат покачени платите, нема никакви информации што се планира. Молчат и пратениците кои имаат шанса преку предложени измени да стават ред во платите на функционерите.

Владата денеска одржува седница, а дали ќе го разгледува и ова прашање не се знае. Неофицијално, во владините кругови се размислува за промена на коефициентите за да се усогласи сегашната плата со она што го бара Уставниот суд.

Експерти, поранешни пратеници и претставници од бизнисот сметаат дека владата треба добро да се пресмета пред да одлучи што всушност ќе менува во законот, дали тоа ќе биде основицата на платата или коефициентот, или и двете.

Уставниот суд со својата одлука наложи да се избрише членот 4 од Законот за плати и други надоместоци на избрани и именувани лица и да се почитува членот 11 со кој се утврдува дека основица за пресметка на платата на избраните лица е просечната исплатена месечна плата по вработен во државата за претходната година. Овој член поради измена на законот од 2009 година се применуваше со замрзната основица од 26.229 денари кој се промени неколку пати во текот на изминатите години со процентуално зголемување од 5 и 4 отсто. Последната основица изнесува 26.755 денари, а нејзината примена трае 8 години. Судот бара да се направат измени во законот според неговата одлука.

Во образложението на одлуката, Уставниот суд посочува на 15 измени на Законот кои главно се однесуваат на утврдување на основицата и процентуалното зголемување во одредени години што довело и до хаотичната состојба во примената.

Поранешниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски вели дека измена на законот може да се направи кај еден од двата фактора кои ја зголемуваат платата на функционерите енормно – основната плата или коефициентот.

– Овие измени можат да се направат за период од 3 дена, ако се има волја. Но, гледаме дека ова го немаме. Законот може да се смени во два члена. Едниот е да се примени висината на коефициентите со кои се множи основната плата и втората е да се промени основната плата која се множи со коефициентот. Сега таа е просечната исплатена плата во претходната година, но може да се зема како основна минималната плата која е основа за пресметка на платите во јавниот и приватниот сектор, со што нема да има разлика во однос на пресметување на платите, а основа би била минималната плата – вели Димовски.

За него е нејасно зошто во услови на поголема криза од онаа во 2008 година, се поставува прашањето за платите на функционерите, а Уставниот суд експресно носи одлука која во основа значи енормно зголемување на платите на функционерите.

– Во време на финансиската криза, мислам во 2009 година, на предлог на владата, за да се одговори на кризата и малку зголемената инфлација, направиме измена на законот со која ја замрзнавме основицата за пресметка на платите и таа одредба се користеше до сега. Подоцна носевме и одлуки за зголемување на платите од 5, односно 4 отсто на јавната администрација, а ова процентуално зголемување на платите важеше и за избраните функционери. Тогаш функционерите и вработените во јавната администрација добиваа ист процент на пораст на плата. Оваа криза е далеку поголема од таа во 2008 година и мислам дека платите на функционерите не треба да пораст за процентот што сега се кажува, туку за процент кој би бил соодветен на случувањата – вели Димовски.

Професорот по трудово право Лазар Јовевски, пак, вели дека мора да се внимава на двата основа за пресметка на платата на избраните лица кога ќе се одлучува каде да се интервенира.

– Може да речеме да се прифати основицата кај платите на избраните лица да биде минималната плата, но многу е важно со кои коефициенти ќе се множи таа плата. Така може да се добие пониска плата, ако се земат минусни коефициенти или далеку повисока, ако се земат растечки коефициенти – појаснува професорот.

На забелешката дека имаме различни основи за пресметка на платите кај работниците во јавната администрација и приватниот сектор кај кои основа е минималната плата и кај функционерите кај кои основа е просечната плата исплатена во претходната година, тој вели дека токму различната методологија на пресметка на платите на избраните лица и другите, создава големи разлики во платите и незадоволство кај граѓаните.

– Тоа е резултат на политиката којашто ја водат владите во однос на платите и методологијата на утврдување на платите. Кај едните основицата не смее да биде пониска од минимална плата, дел за успешност и додатоци на плата или во јавниот сектор, минимална плата, степен на образование, дел на плата за ниво и дел на плата за стаж, а кај другите основна плата е просечната плата исплатена претходната година плус коефициент кој се движи од 2,2 до 4,5 и дел од плата за стаж. Овие разлики создаваат различни износи на платите што создава револт кај граѓаните посебно кога тие се незадоволни и од она што избраните лица го даваат како резултат од работата – вели Јовевски.

Тоа, според него, создава основ и за индиректна дискриминација во општествени рамки.

Според претставници на бизнис заедницата, владата треба да ја има предвид целокупната ситуација во земјата пред да ги зголеми драстично платите на функционерите. Тие очекуваат владата во кризна состојба да има еднаков пристап кон граѓаните како што тоа го бара од бизнисмените, односно да биде солидарна.

– Земјава има домашен бруто производ од 7,5 долари по глава на жител, ниски просечни и минимална плата и не може да се спореди на пример со Словенија која има БДП од 30.000 долари по глава на жител. Ние имаме и ниска продуктивност и многу послаби параметри од другите во регионот и пошироко во Европа. Избраните функционери треба да ја живеат истата судбина како и граѓаните и да добиваат награда за трудот соодветна на состојбата во која се наоѓа државата. Исто како и бизнисот кој често го повикуваат, и функционерите треба да бидат солидарни со граѓаните и прво да го сменат изборниот закон со кој ќе се гласа за личност, а не за партија, ќе го намалат составот на парламентот за половина и ќе ги преполоват министерствата и администрацијата, па дури потоа да размислуваат за повисоки плати. Бизнисот кој издвојува пари за плаќање на администрацијата и на избраните функционери очекува и тие да ја делат истата судбина – вели Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавачи.

Тој смета дека последната одлука на Уставниот суд ги покажа сите слабости и пропусти што ги прават институциите при подготовката и донесувањето на законите, нивните чести промени и хаосот што се создава во нивната примена.

– Се покажа дека веќе нема кадар кој може да подготвува законски решенија во кои нема да има нелогичности и пратеници кои ги читаат законите пред да кренат рака за нивно донесување или измена. Практиката кај нас е да се носат закони, а потоа со бројни измени во тој закон да се носат нови решенија, а да не се бришат старите и така истовремено се на сила две или повеќе решенија и се создаваат забуни при спроведувањето. Не е само овој закон таков. Тој има само 15 дополнувања. Има закони кои секоја година се дополнуваат како што е Законот за работни односи и често се случува да настанат проблеми во нивната примена – вели Димитров.

Споредбите на платите на македонските функционери со платите на нивните колеги покажуваат дека има голема разлика, но таа е видива и ако се споредат другите плати: просечната, минималната и највисоката исплатена.

Да погледнеме колку изнесуваат највисоките и минималните плати во земјите од бивша Југославија.

Македонија

Платата на претседателот Стево Пендаровски е 93.000 денари (1.512 евра), а со новото зголемување пресметано според одлуката на Уставниот суд, таа треба да изнесува 163.000 денари (2.650 евра).

Просечна нето-плата: 31.871 денар (517 евра),

Највисока просечна нето-плата по сектор: компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности – 83.556 денари (1.355 евра),

Минимална нето-плата: 18.000 денари (292 евра), односно 20.175 денари (327 евра).

Србија

Платата на претседателот на Србија Александар Вучиќ, изнесува 199.126 динари, или 1.700 евра.

Просечна нето-плата: 75.282 динари (642 евра)

Највисока просечна нето-плата по сектор: воздушен сообраќај – 159.590 динари (1.361 евро)

Минимална нето-плата: 35.000 динари (300 евра)

Црна Гора

Досегашниот претседател на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, имал плата од 2.420 евра, а неа ќе ја наследи и новиот претседател на земјата Јаков Милатовиќ.

Просечна нето-плата: 718 евра

Највисока просечна нето-плата по сектор: финансиски активности и осигурителни активности – 1.525 евра

Минимална нето-плата: 450 евра

Босна и Херцеговина

Членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, Жељка Цвијановиќ и Жељко Комшиќ, земаат плата од  по 2.922 евра.

Просечна нето-плата: 1.145 марки (585 евра).

Највисока просечна нето-плата по сектор: производство и снабдување со електрична енергија, плин, пареа и климатизација – 1.677 марки (857 евра).

Минимална нето-плата: Република Српска: 650 марки (332 евра); Федерација: 543 марки (278 евра).

Хрватска

Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, прима плата од  3.000 евра.

Просечна нето-плата: 7.679 куни (1.016 евра).

Највисока просечна нето-плата по сектор: авиотранспорт – 13.091 куна (1.733 евра).

Минимална нето-плата: 3.750 куни (496 евра).

Словенија

Највисока плата во регионот има претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, која изнесува 3.322 евра.

Просечна нето-плата: 1.312 евра.

Највисока просечна нето-плата по сектор: производство на фармацевтски производи – 2.749 евра.

Минимална бруто-плата: 1.074 евра.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content