Технологија

Лажни наградни игри со многу интеракции во пресрет на изборите во Р. Македонија

Во пресрет на парламентарните избори во Македонија, закажани за 15 јули, се зголемуваат активностите со кои се мамат граѓаните на социјалните мрежи. Комерцијални брендови, повеќето од нив банки, беа злоупотребени од лажни и/или нетранспарентни Фејсбук страни, кои собираа лајкови и градеа публика, најчесто администрирани од Србија. Исто така, забележана е и тенденција на вклучување на т.н. трети страни, односно субјекти кои се занимаваат со онлајн продажба, што ја отвара дилемата колку навистина ваквите активности се водени од финансиски интереси, а колку се во функција на дезинформациите, пишува во текстот на „Ф2Н2“.

Регистрирани инциденти со лажни наградни игри

Две-три седмици пред официјалниот почеток на изборната кампања за Парламентарните избори, на социјалната мрежа Фејсбук забележано беше манипулирање на корисниците на Фејсбук, преку преку објави за лажно доделување на одреден бесплатен подарок, како на пример базен, електричен тротинет, тендафинансиски средства (објавата е избришана, а станува збор за лажната наградна игра во која беа злоупотребени логото и името на телевизија Сител) во висина од 3.000 – 6.000 МКД (отприлика 50 до 100 евра). На почетокот мора да напоменеме дека постојат и исклучоци кои навистина доделуваат таканаречени giveaways или подароци, и овој текст нема за цел да ги дискредитира истите. Напротив, ги поттикнуваме тие брендови да ја споделат оваа содржина, како и да бидат свесни за можните злоупотреби.

Случај 1. На следниов линк може да се види како една Фејсбук страна која воопшто не се занимава со онлајн продажба, објавува слика од тенди врз која е наведено дека: Во наредните 48 часа ќе донираме 150 тенди Сите што ќе Лајкнат страница и ќе Споделат страница добиваат и подарок!. Сликата до моментот на пишување на оваа статија има 1.900 емотикони, 840 коментари и дури 6.500 споделувања.

Оваа Фејсбук страна објавува навидум хумористични објави кои и не се всушност искрен хумор. На пример, графичка содржина со дискриминација и мизогинија за Министерката за Одбрана, Радмила Шекеринска, графичка содржина која поттикува етничка нетрпеливост со тоа што презентираат дека граѓаните на Чаир, каде живее предоминатно Албанско население, се привилегирани – „Ти ќе јадеш леб три дена стар у карантин, а во Чаир си идат на шопинг и кркаат бурек. Ама ќутете си, турете го лебот у микро и ќе омекне, исто како вашиот мозок“, или глорифицирање на Путин.

Случај 2. Слична манипулација, но овој пат станува збор за донирање електрични тротинети објавена од Фејсбук страна која се занимава со продажба на патики. Постот “Во наредните 48 часа ќе донираме 5 електрични тротинети. Сите што ќе јакнат страницата и ќе споделат страницата добиваат и подарок! Напомена: Деца под 15 години забрането учество на останатите со Среќа…”, брои над 5.500 емотикони, 3.000 коментари и неверојатни 14.000 споделувања. Во моментот на објава на оваа анализа, постот е избришан.

Случај 3. Деновиве се споделува фотографија објавена од страна на лажна страница, која го искористува името на NLB Банка. Всушност, во прашање се две исти фотографии кои имаат идентичен текст, но станува збор за две различни објави односно истата фотографија со идентичен текст е објавена два пати во краток временски период. Текстот на сликата гласи: “ Оваа година NLB организира подарок за ваучер во износ од 300 евра. Се што треба да направите е: LIKE, SHARE, испраќате порака: сакам NLB. Ние ги објавуваме победниците на нашиот сајт 17.10.2019. СО СРЕЌА.”

Фотографиите се објавени на 16.10.2019, истиот ден кога е креирана и страницата. Очигледно станува збор за обид за инстант привлекување на публика преку манипулација. Вкупниот збир од двете фотографии изнесува 3.300 емотикони, над 2.400 коментари и 3.400 споделувања. На 19-ти јуни НЛБ Банка АД Скопје, објави демант на својата Фејсбук страница. Не е прв пат НЛБ Банка да е мета на злоупотреба на нејзиното име и лого.

Фејсбук страната е се уште активна, а може да се види дека двајцата администратори се од Србија.

Случај 4. НЛБ Банка, не беше единствената мета на ваквата измама. Стопанска Банка, исто така објави демант на 20-ти јуни 2020 дека во моментот се одвива лажна наградна игра, на лажна Фејсбук страна која го носи името на банката. Интересно е тоа што во овој случај, лажната Фејсбук страница има еден администратор од Србија и повеќе од 4.600 следбеници, од што може да се заклучи дека не станува збор за злоупотреба на одреден комерцијален бренд, туку се работи за манипулација со илјадници граѓани, од страна на администратор.

Случај 5. Логото и брендот на Шпаркасе банка, исто така беа злоупотребени. На 21-ви јуни, на нивната Фејсбук страница беше објавен демант дека во моментот банката не организира никаква наградна игра.  И во овој случај, техниката е истата, од фотографијата на лажната Фејсбук страна може да се види дека е креирана на 20-ти јуни 2020 година, и меѓу првите објави е онаа за лажната наградна игра.

Случај 6. И покрај тоа што во претходните случаи станува збор за сериозни злоупотреби, сепак најбезобразната и најобемна измама доаѓа од Фејсбук страна која врши онлајн продажба, при што заштита на купувачите ја нема, односно ниту постои веб страница, ниту правно лице, уште помалку може да се види кој стои позади ваквите онлајн продажби на Фејсбук. На 1-ви јуни беше објавен следниот пост “ Во наредните 48 часа ќе донираме 1.000 базени. Сите што ќе Лајкнат страницата и Споделат страница добиваат подарок.”. Она што на прв впечаток е забележливо е неправилната употреба и пишување на македонски јазик. Во моментот на објава на оваа анализа, постот е избришан.

Случај 7. Покрај вклученоста на одредени Фејсбук страни кои се занимаваат со продажба на Фејсбук, без никаква транспарентност, и нападот на неколку банки, злоупотребена беше и националната телевизија СИТЕЛ. На 20-ти јуни телевизијата објави демант дека лажна Фејсбук страна го користи нивното име и лого, промовирајќи лажна наградна игра. Лажната фејсбук страна е избришана.

Регистрирани инциденти во минатото

Во неколку наврати во изминатите години. На 28-ми август 2019 година, Министерството за Внатрешни работи на Северна Македонија објави дека криминални групи преку лажни наградни игри на Фејсбук собираат лични податоци од македонските граѓани, a портпаролот Тони Ангеловски изјави “најчесто овие профили се отвараат во други држави и затоа МВР соработува со полициските организации во расчистување на овие случаи”. На 21-ви март 2020 година, МВР повторно апелира граѓаните да не наседнуваат на лажните наградни игри на социјалните мрежи. Кон крајот на 2018 година повеќе големи компании беа мета на ваквите лажни наградни игри објавувани на Фејсбук, а меѓу нив беа: КАМТинекс и Макпетрол.

Која е целта и што всушност претствауваат ваквите измами

Основната  цел на ваквите измами е да соберат колку што е можно повеќе лајкови или следбеници на одредена Фејбук група. На овој начин измамниците стигнуваат до голем број на корисници. Дополнително, колку повеќе споделувања и интеракции има одреден пост на Фејсбук, толку повеќе и алгоритамот на Фејсбук го зголемува опсегот и допира до поголем број на корисници. Зошто лажни наградни игри? Најчесто темите со кои се манипулира со граѓаните на ваков начин, се емотивни. Во таа насока, се злоупотребува економската состојба на дел од нашите граѓани, и секако тука е и психолошкиот момент “да се добие нешто бесплатно”.

После одреден период, администраторите може да го сменат името на Фејсбук страните, а најчесто го менуваат фокусот. Има многу примери кога одредени фејсбук страни на почетокот споделувале хумор, сатира, забава итн., теми кои на многу граѓани им се интересни. Но, во одреден клучен момент, на пример во тек на спроведување на дезинформациски кампањи го менуваат фокусот и почнуваат да споделуваат лажни вести или одредена политичка пропаганда. Исто така, може и привремено Фејсбук страната да се деактивира, па да се активира одново. Најчесто луѓето започнуваат да ги следат ваквите Фејсбук страници за забава, и кога истите ќе го сменат фокусот, граѓаните несвесно читаат лажни вести и наративи на нивниот Фејсбук.

Покрај тоа што на прв поглед впечатокот е дека се злоупотребуваат брендовите и логоата на банки, со цел да се “набилда” публика и да се добијат лајкови, сепак, ова ја зголемува недовербата во инситуциите. Во конкретниов случај, станува збор и за организиран атак врз банкарскиот систем. Во време на пандемија и разни теории на заговор, во кои се споменуваат и банките како дел од “елитата” која владее со светот, и кога имаме дезинформации за девалвација на денарот, за што Ф2Н2 пишуваше, ваквите трендови не смеат да останат незабележани од државните институции. Покрај тоа што банките се дел од одредени теории на заговор, во овој случај граѓаните се манипулирани, а дел од нив можеби и “ќе им се налутат на банките затоа што иако го споделиле постот не добиле награда”. Не се доволни демантите бидејќи штетата е веќе направена, довербата подриена.

На крајот, но не и најмалку важно, ваквите активности се дел од т.н. “социјален инжинеринг” . Во студијата објавена во 2014 година, во ”Компас на социјална психологија и психологија на личност“  насловена “Злоупотреба на орудија на влијание: Анализа на социјално влијание во врска со причините зошто луѓето стануваат жртви на интернет измами“ подготвена од страна на изтржувачи во рамките на Истражувачкиот центар за медиумско знаење на Универзитетот во Алабама. Социјалниот инжинеринг во онлајн контекст, според овој документ, е начин на добивање пристап до системи и податоци преку злоупотреба на човечката психологија, наместо да се користат “традиционални“ хакерски методи. Поради леснотијата со која се испраќаат и примаат информциите на интернет, социјалните инжинери користејќи “бесплатно или наградно доделуваање на добра и услуги“ имаат можност да дојдат за многу брзо време до податоците на голем број на потенцијални жртви, кои покрај можната финансиска штета (“лични и финансиски податоци“) може да бидат искористени и за наметнување на одредени штетни влијанија и дезинформации. Во контекст на настаните кои се претставени во оваа анализа, најважниот елемент и прашање е зошто корисниците на Фејсбук имаат тенденција да се вклучат во вакви измами. Едно од објаснувањата на авторите е дека “допаѓањето“ (like) се должи на тенденцијата да се биде допадлив, сличен и влијателен. Односно, лајковите се изедначуваат со релевантен извор на информации, нешто што, претставува едно од орудијата, па и предуслов, корисниците на социјалните мрежи да станат жртви на ваквите социјални инжинери и нивните измами.

Овие активности имаат карактеристики и на хибридни напади, најмногу поради техниките кои ги користат, како и вклученоста на администратори од трети земји. Како што може да се прочита, ваквите активности кај нас се повторуваат многу често, а последниов тренд се случи пред самиот почеток на Парламентарните избори, што укажува и на ризик за самите избори.

Потребна е поорганизирана општествена акција во која ќе бидат вклучени релевантни засегнати страни. Државата не смее да го игнорира ваквиот тренд во името на “слободата на говор”, бидејќи ова е се, само не слобода на говор.

Растечки тренд на употреба на комерцијални алатки и актери

На 10-ти мај 2020 Financial Times објави текст со наслов “Новите алатки на вештачката интелигенција шират лажни вести во политиката и бизнисот”. Кратка анализа вреди да се прочита, но она што го потенцираме е изјавата на Камила Францис “Whether for political or commercial purposes, many perpetrators have become wise to the technology that the internet platforms have developed to hunt out and take down their campaigns, and are atсоциијtempting to outsmart it.” Таа исто така истакнува дека “забележан е растечки тренд на операции во кои се ангажираат трети страни, како на пример маркетинг групи, за да спроведуваат misleading активности за нечии потреби. This burgeoning “manipulation-for-hire” market makes it harder for investigators to trace who perpetrators are and take action accordingly.”.

Покај случаите презентирани во оваа анализа, Ф2Н2 регистрираше и други слични т.н. комерцијални Фејсбук страни кои беа дел од дезинформациската кампања за 5G технологијата, која беше спроведена на 27-ми март, денот кога Северна Македонија стана членка на НАТО. Целата анализа објавена од страна на Ф2Н2 можете да ја најдете овде. Една од “приказните” употребени за дезинформирање на граѓаните беше и спинувана изјава на генералниот Секретар на НАТО Столтенберг, кој никогаш не изјави дека “Македонија мора да има 5Г мрежа за да влезе во НАТО”. Стара изјава, спинувана беше рециклирана и споделувана на Фејсбук на 27-ми март. Една од групите на кои беше споделена изјавата е групата “Купи-Продај”.

Од анализата може да за заклучи дека во Северна Македонија во изминатиот период илјадници граѓани се потенцијални жртви на социјален инжинеринг и измама. Граѓаните не можат да бидат потполно информирани за тоа дали некој има нечесни намери, посебно доколку за тоа можат да добијат некаква награда во вид на услуга или добра. Сепак, тоа што можат да го направат е да бидат многу внимателни, посебно кога ќе сретнат некаква интересна понуда за финансиска добивка или емотивна содржина, добро да проверат кој стои позади тоа, и добро да размислат пред да кликнат лајк или да споделат. Според се што можеме да видиме, сите ние на интернет сме на еден клик до тоа да се претвориме во жртви на разни социјални инжинери и измамници. 

Извор: Ф2Н2

Тагови
Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skip to content