СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Спорт

Боречките спортови се подготвуваат за враќање на врвната форма

Појавата на коронавирусот го запре спортот низ светот, па многу од натпреварувачките настани, како континентални и светски првенства и Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио се одложени, а од неодамна некои спортови срамежливо почнаа да се враќаат таму каде што им е и местото – на теренот. На сево ова, секако, не е имун ниту македонскиот спорт, особено во индивидуалните боречки спортови, кои можат да се пофалат со повеќе златни, сребрени и бронзени медали, со фактот дека Македонија веќе има еден сигурен учесник на ЛОИ во Токио, борачот во слободен стил Магомедгаџи Нуров, а на олимписките порти тропаат уште неколкумина. Но колку загубија спортистите од боречките олимписки спортови со пандемијата, колку време ќе им биде потребно за да се вратат во првобитната натпреварувачка форма, кога мислат дека можат да се појават најрано на турнирите…?

– Не знам колку изгуби каратето како спорт, но сите ние каратисти заедно со Светската карате-федерација се подготвувавме да се презентираме на ЛОИ во најдобро светло и да покажеме дека сме спорт што треба да биде дел од олимпиското семејство, иако за тоа ќе почекаме до следната година. Мислам дека ќе има проблем за враќање во првобитната форма, оти претходно постојано имавме натпревари каде што можевме да ја провериме формата. Првпат се соочуваме со ваков проблем, но не застанав со тренинзите, работам повеќе на снага, кондиција, подобрување на техниката, како и на некои нови работи и сметам дека нема да ми треба многу време за да се вратам во старата врвна форма. Се надевам дека што побргу ќе заврши пандемијата. Официјалните турнири, за жал, се откажани до 2021 година, но верувам дека ќе имаме некакви турнири до 2021 година на кои ќе можеме да ја одржуваме формата – вели Емил Павлов (18-ти на олимписката ранг-листа), двократен европски првак и носител на бронза од Европските игри во Баку.

Еден од спортовите што настојува да го врати сјајот од минатото е боксот.
– Поради пандемијата, боксот и боксерите во Македонија многу стагнираа. Едноставно сите спортски сали се затворени и практично немаме соодветни услови каде што би можеле да тренираме. Но откако ќе биде дозволeно тие да се отворат, брзо ќе се вратам во посакуваната врвна форма. Поради сегашнава здравствена ситуација во земјата, засега ништо не се знае за одржувањето на понатамошните боксерски натпревари – вели репрезентативецот Гоце Јанески, кој настапи на квалификацискиот турнир за ЛОИ годинава во Лондон.

И таеквондистот Дејан Геогиевски (35-ти на олимписката-листа) е еден од кандидатите за настап на ЛОИ во Токио в година.
– Добивме допис од Светската таеквондо-федерација дека првите турнири во овој спорт се планираат за август, што значи дека и Георгиевски би можел тогаш да настапи, секако, ако бидат отворени државните граници за патување, а пандемијата бележи пад. Во секој случај, тој е мошне активен со неговите индивидуални тренинзи и верувам дека брзо ќе се врати во посакуваната форма – вели Дарко Костовски, еден од тренерите што работи со Георгиевски.


Џудистите очекуваат меѓународната сезона да продолжи во септември

Како и преостанатите спортови така и македонското џудо и џудисти изгубија премногу со појавата коронавирусот. Од првата половина на март се прекинатите активности во светски рамки, а македонските џудисти беа активни на индивидуален тренажен план. За враќање во посакуваната форма на еден џудист му се потребни 10 недели. Но ние џудистите секогаш сме оптимисти, впрочем и џудото е повеќе од спорт.

Токму почитувајќи ги џудо-принципите, секогаш успеваме во нашите намери и ги остваруваме поставените цели. Оптимистички гледам на целава ситуација со пандемијата и мислам дека набргу целата ситуација ќе се среди. Првиот натпревар на кој би можеле да видиме македонски џудисти би се одржал во првата половина на септември, вели стручниот соработник во Џудо-федерацијата на Македонија, Горан Мицкоски.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button
Messenger icon
Пишете нѝ на Фејсбук!
error: Содржината е заштитена !!
Skip to content