Политика

Отворањето на границите не е политичка одлука, вели Спасовски, туку така мислела Комисијата за заразни болести

Отворањето на границите не е никаква политичка одлука донесена во корелација со изборите, туку се темели исклучиво на епидемиолошките анализи и мислењето од Комисијата за заразни болести, изјави денеска премиерот Оливер Спасовски.

На прес-конференцијата во Владата, Спасовски порача дека мора да се научиме да живееме со вирусот, а тоа значи да се почитуваат препораките за носење на лична заштитна опрема, држење на дистанца и честа дезинфекција.

– Отворањето на границите го најавуваме веќе подолго време зависно од анализите што ги прави Комисијата за заразни болести, а тие пред се, се темелат на тоа каква епидемиолошка слика имаме кај нас, во регионот и во поширокото опкружување. Европската унија ги отвори границите за државите членки на ЕУ, а од 1 јули се најавува и кон трети земји каде ќе бидат и државите од целиот наш регион така што ние мора да се научиме дека треба да живееме со вирусот, рече Спасовски, одговорајќи на новинарско прашање.

Според него, крупните рестриктивни мерки го дале својот максимум, а она што сега останува е преку личната одговорност да се придонесе колку е можно повеќе да се држи вирусот под контрола.

Тоа што на денот на изборите не е предвиден изборен молк, според Спасовски, не е превид или намерно направено, туку како што рече, ДИК ќе ги определи сите чекори што се однесуваат на изборниот процес.

– Новина е тоа што сега заради ситуацијата ќе имаме два дена гласање за да може да гласаат сите кои се во изолација и КОВИД позитивните, како и старите и изнемоштени лица, така што оваа кампања практично ќе трае помалку од 20 дена. Многу поважно е каква ќе ни биде кампањата, како ќе ги пратиме пораките до граѓаните, колку ќе бидеме на висина на задачата да бидеме достојни на на прецпецијата за нас како држава и демократскиот капацитет којшто го имаме. И говорот за омраза да го замениме со проекти и визија, рече Спасовски.

Во однос на тоа како ќе се организираат мини митинзите и колку тие се безбедни за граѓаните, Спасовски рече дека мерките што се донесени значат не само колективна, туку и лична одговорност.

– Ако бидеме одговорни и ако секој од нас придонесе за здравјето, тогаш немаме ризик. Ако имаме неодговорност, а најголемата неодоговорност е на политичарите, оние кои треба да ја пратат пораката до граѓаните, тогаш имаме сериозен проблем. Имате затворени теретани, имате политичари кои одат во теретани, имате затворени ресторани, имате политичари кои со одбрано друштво седат внатре и ги злоупотребуваат мерките. Ова само сакам да укажам на примери во кои личната одговорност е многу значајна, рече Спасовски.

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skip to content