СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Локално

Од денеска нема „полициски час“, од утре отвораат и угостителите

Од денеска престанува важењето на полицискиот час односно одлуката за забрана за движење која Владата ја воведе на 22 март, истакна премиерот Оливер Спасовски на вчерашната прес-конференција презентирајќи ги усвоените одлуки на седницата кои се, како што рече,врз основа на исполнети услови и  анализи и препораки на Комисијата за заразни болести. Од утре ќе почнат да работат угостителските објекти со прецизно утврден соодветен протокол за работа во отворените делови т.е. терасите. За работата во затворените објекти и тие што немаат тераси ќе се регулира во наредна фаза, информираше Спасовски.

Од 1 јуни  ќе престанат да важат и заклучоците на Владата со кои различни категории вработени лица се ослободени по различни основи од редовно и тековно извршување на тековните активности, како што се упатување за работа од дома, патување за работа кон Скопје, организирање на работниот процес со ротации и други слични мерки и препораки. Таа одлука ќе биде придружена со соодветен протокол за работа – за просторни услови, физичко растојание и носење лична заштита.Ова не важи за хроничните болни, а како дополнителен заклучок Владата  утврди дека отстапка од оваа одлука се и родителите кои имаат деца на возраст до 10 години или деца на претшколска возраст, за кои ќе се чека одлуката за отпочнување на работата на градинките.

Владата  го усвои протоколот за постапување при влез на сите лица македонски државјани во земјата. Согласно овој протокол задолжителниот државен карантин на државјаните на Република Северна Македонија кои се враќаат од странство со хуманитарни летови или конвои, се заменува со домашна изолација доколку лицата кои влегуваат на територијата на Република Северна Македонија приложат негативен ПЦР тест за коронавирусот КОВИД-19 направен во последните 72 часа пред да влезат на територијата на Република Северна Македонија.

Од денеска, согласно одлуката на Владата од денешната седница, сите лица кои се спроведени во објектите за државен карантин, на свој трошок, можат да направат ПЦР тест во објектот во кој се сместени и доколку имаат негативен резултат да бидат упатени во домашна самоизолација.

На оваа седница, на предлог на Министерството за надворешни работи, во соработка со Комисијата за заразни болести, е усвоен протокол за странски дипломати акредитирани во земјата и членови на нивните семејства, кои доколку приложат медицинска потврда за негативен ПЦР тест направен во последните 72 часа пред влез во Република Северна Македонија, ќе можат непречено и тековно да ја извршува својата работа, без упатување во домашна самоизолација.

Освен овие одлуки,  Владата ги задолжи Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство да направи јасна и прецизна проценка за отворање на државните граници, како и да подготват соодветни протоколи за влез и излез на и од територија на Република Северна Македонија.

Беше заклучено дека оваа одлука ќе се донесе врз основа на заедничката координација со земјите од регионот со кои е воспоставена одлична комуникација која најавува дека многу бргу патувањето во регионот ќе биде регулирано во интерес на граѓаните на сите земји.

Второто задолжение од Владата до Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, е да подготви соодветни протоколи за работа на хотелите, односно за начинот на работа со посетители, и за работата во простории на хотелите.

Прикажи повеќе

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button
Messenger icon
Пишете нѝ на Фејсбук!
error: Содржината е заштитена !!
Skip to content