Политика

Платежните картички и средствата граѓаните ќе ги добијат во периодот јуни-јули

Платежните картички и средствата граѓаните очекуваме да ги добијат во периодот јуни-јули, како што стои во пакетот, додека ваучерите за туризам граѓаните би ги добиле јуни, најдоцна јули, а предвидено е да се користат до крајот на 2020 година, соопшти денеска на прес-конференција министерката за финансии Нина Ангеловска, нагласувајќи дека уредбите за користење на овие мерки се очекува да бидат доставени и усвоени до крајот на следната недела.

Електронски платежни картички, појасни Анегловска, ќе бидат сетирани така што нема да може да се подигнуваат средства од банкомати и ќе бидат исклучиво наменети за купување домашни производи, додека со МИОА се работи на тоа секој граѓанин да може со впишување на матичниот број да провери дали и колку му следува финансиска поддршка.

– На конкретното оперативно решение веќе се работи. Имавме средба со македонската банкарска асоцијација во текот на вчерашниот ден и со банките, ги утврдуваме деталите и уредбата веќе е во нацрт верзија и денеска ќе биде испратена за комуникација до сите засегнати страни. Навистина се работи интензивно за спроведување на сите мерки и нема просторт за нетрпеливост, изјави Ангеловска, одговарајќи на новинарско прашање кога ќе бидат објавени и од кога ќе можат граѓаните и фирмите да аплицираат за најавените мерки.

Во однос на таргет групите кои ќе ги добијат електронски платежни картички, Ангеловска рече дека првата мерка 9.000 денари финансика поддршка се однесува на невработени лица, активни баратели на работа со до 15 илјади денари месечни примања согласно податоците од УЈП, потоа вработените со примања до 15 илјади денари и младите, студенти и средношколци.

– Работиме да го елиминираме моментот да секој граѓанин да треба самоиницијативно да аплицира. Податоците и базите од УЈП ни дозволуваат таргетирање и можеме веднаш да видиме колку средства, месечни примања имаат и веќе со таа листа имаме прелиминарно одредено кои точно граѓани им следи колкава финансиска помош – девет или три илјади денари финансиска помош, нагласи Ангеловска.

Во однос на мерките за стопанството, Ангеловска рече дека во програмата на владата има 150 милиони евра, од кои 25 милиони евра за платежната картичка, 60 до 65 милиони евра за поддршка на работодавачите за исплата на плати и дополнителни 50 милиони евра кои ќе се насочат за дизајнирање и креирање на навремени мерки.

– Без поддршка и насока на граѓаниет да одат во македонските туристички капацитети би имале околу 50 проценти пад во бројот на ноќевања. Со поддршката од 10 до 12 милиони евра за над 100 илјади граѓани ние ќе успееме да го ублажиме падот за повеќе од двојно. Тоа значи дека мерката директно ќе го амортизира ударот и ќе го помогне туристичкиот сектор, изјави Ангеловска, посочувајќи дека прават вакви анализи за сите сектори.

Министерот за економија Крешник Бектеши, рече дека туризмот и угостителството се меѓу најпогодените сектори затоа и поддршката е најголема 50 милион евра.

– Фокусот од почеток тука го насочивме, во третиот пакет се 11 милиони евра за ваучери и пет милиони евра за платежни картички, ваучерите 100 евра, а картичките 50 евра. Граѓаните ќе може да летуваат дома со што ќе го зајакнеме домашниот туризам. Со оваа мерка се опфатени сите што примаат плата помала од 15.000 денари, односно 100.000 граѓани и ќе се реализира до крајот на годината. Ваучерот може да се користи во домашните хотели и други капацитети, а со картичките купување домашни производи и услуги, појасни Бектеши.

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skip to content