СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Технологија

Што е 5G технологија, и дали навистина ќе не мутира и испоубие сите

Технофобијата е составен дел од човековата историја. Луѓето биле против употребата на машините во индустрискиот процес, против воведувањето на електричната енергија, автомобилите, возовите, употребата на телефонот… Сите биле дочекани со голем страв и отпор од страна на населението. Но, освен загриженоста, секој мора да е добро информиран пред да почне да осудува кој било нов технолошки концепт. Ова е еден од ставовите на доц. д-р Валентин Раковиќ, професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).

Терминот „5Г“ предизвикува многу реакции во јавноста. Зошто се појави толкав отпор меѓу луѓето?

– Веројатно најголемата предност и особеност на 5Г, т.е. технологијата која е идентификувана како главен двигател и катализатор на новата индустриска револуција, е тоа што резултира во страв кај голем дел од популацијата. И ова е сосема нормално. Секој од нас треба и има право да биде скептичен за секоја нова технологија што внесува големи и радикални скокови во начинот и квалитетот на живот. Имено, оваа манифестација на технофобија многупати се појавувала низ човековата историја.

При првата индустриска револуција голем дел од населението било против употребата на машините во индустрискиот процес. Исто така, воведувањето на електричната енергија, автомобилите, возовите, употребата на телефонот, сите биле дочекани со голем страв и отпор од населението. Но, освен што секој од нас има право да биде загрижен, секој од нас мора да биде и добро информиран пред да настапи со осудување на кој било нов технолошки концепт.

Главниот проблем со фобијата што владее околу 5Г е резултат на големата плејада на лажни вести, намерни и ненамерни. За разлика од минатото, денеска сите ние сме константно изложени на огромен волумен на информација во дигиталниот домен. За жал, оваа голема изложеност на секаков тип информации, пред сè лажни, лесно може да предизвика несакани последици. Затоа секој од нас треба да се стреми да ги филтрира изворите на информации врз база на нивата содржина и кредибилитетот на изворите.

На пример, изминатите недели често бевме сведоци на вести кои тврдат дека земји како што се Белгија, Швајцарија и Словенија го имаат стопирано стартувањето на 5Г. Морам да потенцирам дека ова се информации извадени од контекст. Во Белгија веќе се работи на спроведување лицитација за 5Г радиоопсезите.

Слична е ситуацијата и со Швајцарија, каде што веќе има поставено повеќе од 2.000 базни станици. На следниот линк е поставена мапа на 5Г од Swisscom, националниот телекомуникациски оператор. Според Swisscom, 90% од урбаната територија на Швајцарија е покриена со 5Г. Во Словенија сè уште не е распишана лицитација за 5Г радиоопсезите, но се очекува да заврши до крајот на 2020 година.

Моментално се анализира зрачењето од 5Г врз база на последните светски препораки (малку повеќе околу препораките ќе најдете во продолжение на овој текст). Ситуацијата во Македонија не е поразлична од Словенија. Кај нас сè уште нема активно пуштена 5Г-мрежа, и тековно се тестираат зрачењата од 5Г од страна на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК). Првиот извештај од АЕК е јавно достапен и може да се пристапи до него ТУКА.

Главните стравови се поврзани со одразувањето врз здравјето на луѓето…

– Главната причина за стравот од 5Г се сведува на теориите дека зрачењето од оваа технологија ќе предизвика фатални последици врз човековото здравје. Ако треба да се одговори на прашањето „Дали 5Г е штетна?“, краткиот одговор би бил: „Не повеќе од другите безжични технологии што веќе ги користиме секојдневно“. Имено, изложеноста на зрачење од радиобранови (нејонизирачко зрачење) е област која е екстензивно истражувана во изминатите неколку децении, од интердисциплинарни тимови составени од лекари, генетички инженери, биофизичари и биохемичари. Според Светската здравствена организација (СЗО), не постојат убедливи научни докази дека радиосигналите од безжичните мрежи предизвикуваат несакани здравствени ефекти. Повеќе информации околу ставот на СЗО за зрачењето од радиобранови, може да најдете на официјалниот линк на веб-страницата на СЗО.

Како што може да се забележи, главниот фокус од истражувањата паѓа на зрачењето од радиобранови, без разлика на генерацијата и типот на мобилна мрежа. Во тој контекст, 5Г не е ништо поштетна од постојните безжични технологии. Повеќе информации околу ставот на СЗО за 5Г може да најдете на официјалниот линк на веб-страницата на СЗО.

Дел нема да се сложат со овие факти реплицирајќи дека 5Г ќе користи и нови фреквенции и напредни антенски системи кои тековните безжични технологии не ги употребуваат, а кои резултираат во прекумерно зрачење што е штетно за човековото здравје. Тоа е точно – 5Г ќе користи нови фреквенции (голем дел од операторите нема да го користат овој дел од спектарот во догледно време поради комплексниот дизајн и цена на имплементација) и напредни антенски системи, но овие технолошки концепти нема да резултираат во прокламираните негативни ефекти. Мора да се потенцира дека постојат меѓународни организации составени од експерти кои го анализираат и регулираат зрачењето и изложеноста на радиобранови.

Меѓу нив е и International Commissionon Non-Ionizing Radiation Protection (ICNIRP), која ги препишува нормативите и максималната изложеност на зрачење од радиобранови на светско ниво. Препишаните нормативи потоа се користат од инженерите и научниците што работат во областа на безжичните комуникации, со цел истите да се спроведат во тековната употреба на која било безжична технологија и мрежа, вклучувајќи ја и 5Г. Според последните насоки на ICNIRP, за ограничување на изложеноста на електромагнетни полиња, објавени кон крајот на март 2020 година, не постои индикација дека 5Г ги нарушува препишаните насоки, ниту пак дека внесува дополнителен ризик за човековото здравје. Повеќе информации за насоките на ICNIRP може да најдете на официјалниот линк.

5Г e неминовен чекор во технолошкиот развој на човештвото, како и претходните генерации на мобилни мрежи. Најразвиените земји во светот сериозно работат кон инсталација и употреба на 5Г. Само за пример, во Јужна Кореја до почетокот на април се регистрирани повеќе до 5 милиони активни корисници на 5Г, додека во САД досега се инсталирани повеќе од 5.000 базни станици. На следниот линк може да се видат сите комерцијални и тестни локации на 5Г базни станици во светот.

Како што ќе се зголемува присутноста на 5Г, така ќе расте и бројот на научни студии поврзани со ефектите од 5Г. Во овој контекст би сакал да го цитирам мојот ценет колега и светски реномиран научник, проф. д-р Петар Поповски, од Универзитетот во Алборг, кој во една негова статија вели: „Ако некогаш се појави цврст доказ дека безжичните технологии што ги користиме можат да создадат нивоа на зрачење кои се штетни, тогаш ќе се вратиме на основните концепти и ќе ги поправиме/редизајнираме системите за да ги исполниме безбедносните стандарди.

Тука може да се направи паралела со автомобилската индустрија или прехранбената индустрија, каде што безбедноста постојано се подобрува бидејќи се појавуваат нови информации за безбедносните закани, но откривањето на таквите закани не нè враќа назад во добата на јавање коњи“.

факултети.мк

Прикажи повеќе

Поврзани објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button
Messenger icon
Пишете нѝ на Фејсбук!
error: Содржината е заштитена !!
Skip to content