Спорт

Масовност, борбеност и квалитет на државното првенство во џудо

Масовност, борбеност, квалитетни дуели и добра организација го обележија Државното првенство во сениорска и во пионерска конкуренција што викендов се одржа во Прилеп, во организација на Џудофедерацијата на Македонија, а во техничка организација на клубот ЏК Сеишин. Вкупно 161 натпреварувач од 16 клуба се бореа за титулата шампион на Македонија, од нив 82 во пионерска (52 машки и 30 женски) и 79 во сениорска (55 машки и 24 женски) конкуренција.

Клубот Сеишин од Прилеп освои најмногу медали 15. На првенството присуствуваше и претседателот на Џудофедерацијата на Македонија (ЏФМ), Владимир Трпановски, кој на најуспешните им ги додели медалите.

Секако, ваквата масовност може само да радува и е во прилог на фактот дека во Македонија има квалитетно подобрување, а сето тоа во правец на остварување високите поставени натпреварувачки цели на европски и светски натпреварувања. За тоа зборува и бројот на клубовите што настапија на ова првенство во двете конкуренции, а јуниорското првенство ќе се одржи викендов.

Да потсетиме, Македонија во овој спорт и порано имала талентирани натпреварувачи што настапиле на татамите на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2016 година, двајца се бореле на Медитеранските игри во Тарагона, а има и кандидати за настап на ЛОИ 2020.

Секако, во рамките на ЏФМ, а во соработка со Светската џудофедерација (ИЈФ), треба да се реализира проектот „Џудо во училиштата“, проект што само може да радува и кој треба да биде пример и за другите спортски федерации во Македонија, во насока да се зголеми масовноста кај најмладите, од каде што, пак, би произлегле квалитетни џудисти кадарни и за највисоки успеси.

Државните првенства во џудо за пионери и за сениори, по препорака на Министерството за здравство, се одржаа без присуство на публика, како превенција од коронавирусот.

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skip to content