Синдикатот и Министерството за култура потпишаа Колективен договор

Министерот за култура Хусни Исмаили денеска во Министерството за култура со претставници на двата репрезентативни синдикати, СКРМ и СОНК, го потпиша Колективниот договор за културата.
Министерот Исмаили се заблагодари на вработените во Министерството за култура кои, како што рече, посветено работеа повеќе од две години на изнаоѓањето правна рамка за усогласување на барањата што ги имаа двата репрезентативни синдикати. Тој ја поздрави и конструктивноста и истрајноста на претставниците на синдикатите кои беа членови во Работната група, која, како што рече, на задоволство на целиот ресор култура успеала да го постигне Колективниот договор по повеќе од 15 години нерегулирани односи во културата.
За спроведување на Колективниот договор, Владата донесе заклучок средствата потребни за оваа намена да се обезбедат најдоцна до први јули следната година, термин од кога најдоцна и ќе се применуваат коефициентите за вработените во културата, за што согласност дадоа и двата репрезентативни синдиката.