Локално

Со посна трпеза одбележан празникот Свети Никола, заштитникот на Прилеп

Со посни сармички, грав, риби, ракија и вино поставени на трпеза во центарот на Прилеп, беше одбележан празникот Св. Никола, заштитникот на градот.

Многубројните прилепчани дојдоа да го прослават заедно со домаќинот, семејството на Кирил и Кате Небрежанец и Локалната самоуправа.

Семејството не го криеше задоволството што е домаќин на градската слава бидејќи ја почитува верата и традицијата.

Обраќајќи се пред присутните, меѓу кои и поглаварот на МПЦ, архиепископот г.г. Стефан, најголемата ќерка, од трите, на семејството, Бисера Небрежанец рече дека им било голема чест и гордост да се домаќини на овој голем празник.

– Како светец Св. Никола знаеме дека е заштитник, чудотворец, го штити нашиот град. Прилеп е престолнина на македонската гостопримливост и е дел од нашата богата македонска традиција што грижливо ја негуваме. Затоа на овој празник посакувам нашата градска слава да опстои уште многу години, да биде синоним на слободниот дух и гордоста на прилепчани. Да ја прославуваме уште долги години, преку нашите креативни мисли, идеи и нашата долговечна традиција – рече Бисера Небрежанец.

За празникот говореше и митрополитот преспанско пелагониски г. Петар, потенцирајќи дека не треба да се прави зло и побара да се воведе вероучение во училиштата.

Градоначалникот на Прилеп Илија Јованоски, честитајќи ја градската слава, на годинашниот домаќин Кирил Небрежанец и догодишниуот кум Тони Турунџиески им подари икони.

Инаку, по повод празникот Св. Никола, кој во Прилеп е домашна слава на секое второ семејство, утрово во црквата „Св. Благовештение“ се одржа празнична литургија.

Св. Никола како празник за заштитник на градот беше прогласен пред 14 години.

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skip to content