СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Локално

Во галеријата на ЦК „Марко Цепенков“ од утре почнува изложбата “Персона” на прилепскиот уметник Филип Цакоски

Во среда 20.04.2022 од 19.30 часот во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе биде отворена изложбата „Персона“ од прилепскиот уметник Филип Цакоски.

На Филип Цакоски ова му е прва самостојна изложба во Прилеп, поддржана од Министерството за култура во годишната програма за 2022 на Центарот.

За изложбата

„Персона“ – изложбата е проследување (втор дел) на концептот „Обвивки“ -2021, продлабочување во битието позади физичкиот изглед и како човекот се претставува. Внатрешните потреби, пориви, скриени или навидум заборавени желби, фантазии и незадоволства- како сила која во позадина управува со нашата личност (персона) која ја креираме пред другите.

Карл Јунг, во своите истражувања оваа сила, ја нарекува сенка, дел од нашиот карактер кој го криеме од сите, кој не го искажуваме затоа што нашето его одлучува дека е лошо, неправилно, срамно и тн. Оваа сенка не мора да содржи негативни карактеристики, туку едноставно, еден дел од личноста кој го криеме од сите, кој го чуваме или едноставно не сме свесни дека постои. „Секој си ја носи својата сенка..“- рекол Јунг, „ ..И што помалку е вмешана во секојдневниот живот и постапки, таа станува погуста и потемна…Можеби до одреден степен е врска со примитивното, животинското во нас“. Едноставно, таа е се што не сакаме да прифатиме за себе си. Но, патот кон целосна искрена личност, според Јунг, е пред се сознавање дека таа постои, помирување со неа и нејзината тежина. Самиот момент на прифаќање е почеток кон соединување со сето она што сме, свесно и потсвесно. Од оваа теорија, целта е симболично, да се прикажат личностите (обвивките) и сенките кои ги носат но и порака, за интроспекција, за воочување на се што е скирено во нас и прифаќање на истото, со намера да се пробие низ обвивките, надворешни и внатрешни – вели авторот Филип Цакоски.

Изложбата ќе ја отвори Филип Димкоски и ќе зборува за авторот и делата.

– СИТЕ НАШИ СЕНКИ, ЛИЦА И ОПАЧИНИ…

Милан Вујаклија, зборот персона го појаснува со поимите личност, особа, поединец, односно вели дека персона е секое живо битие надарено со способност за слободно и разумно размислување, посакување и дејствување, за разлика од нештата кои се само предмети без волја и разум и немаат свое достоинство.

Личност, персона, поединец, достоинство…. До каде сме со усвојувањето на полнозначноста на овие поими?
Изложбата насловена „Персона“ од вајарот Филип Цакоски, можеме да јаразгледуваме и како своевидно продлабочување на мотивите што го окупираа во претходната негова изложба „Обвивки“, но и како сосема самостоен концепт со нови перцепции. Со оглед на тоа, што и за изложбата „Обвивки“ ја имав истава задача, ќе се обидам накусо да ги компарирам двете посотавки, ставајќи акцент на актуелната изложба.

Ако во првата изложба го увидовме постоењето на кожурците, обвивките и маските, кои не нѝ даваат да дишеме и да се претставиме онакви какви што сме, овде во новите единаесет дела, обвивките полека паѓаат и се отвора можноста да се види личноста со својата посебност и своето достоинство.

Потребо е да се стопи каменот, да падне кожурецот низ процес на растргнување кој умее да боли и да остави траги и стрии, а потоа процес на прилагодување, адаптирање кон новото ЈАС. Всушнот, тоа е растењето, надминувањето….Змијата го менува својот кожурец кога ќе порасне нејзиното тело и потоа формира нов…А зошто? За да се заштити. Така и човекот.

Па така никогаш ништо не е конечно и никогаш не е до крај одгатнато. Во загадочното е магичното. Токму тие недоречености, сенки и интимни катчиња во човековиот ум, во човековиот дух, во умот и во срцето, го прават човекот една комплексна, совршено несовршена, таинствена и посебна персона.
Но растење и надминување согледуваме и од естетски аспект во делата на Цакоски. Овојпат тие се подетални, подлабоки, посилни, и заради поголемата пластичност, појасни и повпечатливи. Користејќи повеќе медиуми, бои и начини на работа, ни пренесува една подлабока емоција, посилна мисла и поцеловита порака преку уметничките решенија од „Персона“.

Оваа изложба е една можност да погледнеме во себе(не)совршенството, да навлеземе малку подлабоко во нас и да откриеме колку личности, колку лица и наличја криеме во нас самите. Тоа трагање кон внатрешните светови на самите нас, го обојува животот со смисла за постоењето..Од тие длабочини надоаѓа и уметничкиот порив кој Цакоски го материјализира преку своите дела и го подарува на публиката со цел да овозможи на уметничка наслада, но и да поттикне, да запраша, да замисли, да порача…Добредојдовте во уметничкиот свет на Филип Цакоски. Ви посакувам пријатен престој. ( Филип Димкоски, поет и новинар)

За авторот

Филип Цакоски, 1998, Прилеп, Република Македонија е дипломиран вајар на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, отсек вајарство, модул сценографија, во класа на проф. м-р Жарко Башески. Член на ДЛУМ од 2020 година, учесник на повеќе групни изложби и настани, во и надвор од државата.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content