Локално

Во Прилеп последни подготовки за градската слава Свети Никола

Прилеп годинава по 14. пат, ќе ја чествува градската слава Свети Никола.

Во просториите на студентскиот дом „Орде Чопела“ во Прилеп, педесетина жени од 4 граѓански здруженија започнаа да ги виткаат традиционалните посни светиниколски сарми.

Градоначалникот Илија Јованоски ги посети вредните прилепчанки кои го подготвуваат празничниот ручек.

„Два дена пред големиот христијански празник Свети Никoла, кој воедно е и патрон на нашиот град, можам да речам дека подготовките се во завршна фаза. Свети Никола е заштитник на морепловците, рибарите, на немоќните и сиромашните граѓани и се слави во многу земји во светот, а особено ми е драго што го празнуваат и половина од жителите на нашиот град“, порача прилепскиот градоначалник.

Тој воедно ги покани жителите на градот, во четврток (19. декември), по завршување на светата литургија, да се придружат на богатата посна трпеза во центарот на Прилеп.

„Вредните раце на жените од четирите невладини организации професионално си ја одработија својата задача и подготвија посна трпеза за граѓаните, кои очекуваме дека ќе ги има во голем број“, истакна Јованоски.

Љубица Петреска, претседателка на здружението „Мајка Традиција“, вели дека без никаков проблем 55 жени ги виткаат традиционалните сарми.

„Сармите се виткаат од се’ срце, со љубов, со песна. Ова е нешто навистина прекрасно, возбудливо. На посната трпеза која ќе се одржи во центарот на градот, сармата ќе блеска на поставената софра. Но софрата секогаш е надополнета и со вкусно гравче, маслинки, со ракија и вино“, објасни Петреска.

Годинешен домаќин на градската слава е семејството Небрежанец. Причината заради која се одлучиле да бидат домаќини, е негувањето на верата и традицијата кои сакаат да го пренесат во наследство на трите ќерки.

Како и секоја година, така и оваа одбележувањето на Свети Никола ќе започне со Свечена божествена литургија во црквата „Св. Благовештение“, со која ќе чиноначалствува Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско-новозеландски, г. Петар, а свое присуство има најавено и г.г. Стефан.

Веднаш потоа чествувањето продолжува со водосвет и сечење на славскиот колач пред параклисот во центарот на градот, од каде сите добронамерници продолжуваат на богатата посна трпеза.

извор: Makfax

Тагови
Прикажи повеќе

Поврзани теми

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skip to content